25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Костадиновска-Стојчевска: Културата е скапа, некултурата е уште поскапа

Капитални инвестиции во културата не се оние ако инвестирате во театар чии темели се потонати во вода, изградба на споменици на кои ќе се плашите да им го изговорите името, или ако го преслечето минатото. Тоа е скрнавење а не инвестиција, рече министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на денешниот панел насловен „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза“ како дел од владината годишна конференција „Година на нови можности“, што денеска и утре се одржува во хотелот „Александар палас“.

Според Костадиновска-Стојчевска влогот во културата е влог во нашата потпора а бенефитот во културата не се мери само како економски бенефит.

„Ако знаеме дека во најкризните времиња во историјата се создадени најголемите уметнички дела, јасно е дека капиталните инвестиции во културата треба да се гледаат во поширок контекст, и влогот во т.н жива култура и уметничкиот капацитет е многу важен. Дали на нашите великани Конески, Рацин, Мисирков, им биле потребни капитални инвестиции за да творат, или пак на Личеноски, Мазев, Чемерески да сликаат? Секако дека за креативниот капитал не се потребни некакви грандиозни инвестиции“. рече Костадиновска-Стојческа.

Министерката смета дека мора да се ослободиме од стиропорот и невкусот и да се ориентираме кон живата култура.

„Нашата заложба која е приоритет на оваа Влада за културата, се инвестиции во живата култура. Секако, инвестираме во реставрација на спомениците на културата како Ангелот од Курбиново, спомениците на НОБ, дигитализација на архивите на Институтот за македонски јазик. За нас е важно да градиме простор со љубов, во кој ќе живее нашето вчера, денес и утре. Иако живееме во криза, мора да инвестираме, бидејќи културата е скапа, но не културата е уште поскапа“., истакна министерката за култура.

Панелот „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза“ на кој се разговара за капиталните инфраструктирни инвестиции, но и за достигнувањата и плановите, како и остварените и планирани капитални инвестиции во образованието, културата и животната средина, е во тек.

А. Василевска

извор Новатв.мк