10.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Костадиновска: Културните работници денес имаат достоинствени плати

Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска наброја неколку крупни зафати на Министерството од изминатава година, за време на годишната конференција „Година на нови можности“.

-Го реставрираме и конзервираме Ангелот од Курбиново – Црквата Свети Ѓорги, ги засилуваме темелите на скопскиот Аквадукт, дигитализиравме милиони записи во Институтот за македонски јазик, ги санираме и реконструираме Националните културни установи, градиме и доградуваме театри низ државата. Отвораме културно-информативни центри, постепено го враќаме украденото културно наследство дома. Сè повеќе го отвораме Балканот за културата, сè повеќе ја отвораме културата за светот. Станавме дел од Културните рути на Советот на Европа. Добивањето на тој сертификат не е само обична гаранција за квалитетот кој го поседуваме и бенефит за економијата, туку и заедничко добро – преку нашите национални културни вредности да ја збогатиме колоритноста на идентитетската карта на Европа и преку дијалог и меѓусебно почитување да создадеме заеднички културен простор, рече министерката.

Таа истакна дека во Давос, земјата стана дел од Алијансата за Баукултур, за вмрежување на соработката на јавниот со приватниот и со граѓанскиот сектор. За оваа програма Костадиновска Стојчевска кажа дека на неа се гледа како на шанса да се поправи она што може да се поправи.

-Во тој контекст, на шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес, Скопје мора да доживее т.н.„Ослободување“ од стиропорот и невкусот на Скопје 2014-та. Скопје е нашата престолнина која претендираме да стане Европска престолнина на културата за 2028-ма година, истакна министерката.

Таа дополни дека низ неизвесниот лавиринт на кризите минува и културата.

-Како министерка за култура нема да го сокријам задоволството дека и во вакво одамна невидено невреме, културните работници денеска имаат достоинствени плати. Впрочем, јас и на почетокот на мандатот, пред точно една година, реков дека мој врвен приоритет ќе биде живата култура. Јас верувам дека добитна комбинација е кога капиталните инвестиции и инвестирањето во сопствениот уметнички потенцијал одат со ист чекор. Зашто, инвестирањето во културата е инвестиција во нашата потпора, истакна Костадиновска Стојчевска.

Спонзорирано: