25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Пет години од првото поздравување на Заев и Ципрас: за помалку од шест месеци решија тридецениски спор

На денешен ден пред пет години се одржа првата средба помеѓу поранешните премиери на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас кои за помалку од шест месеци познавање решија тридецениски спор меѓу двете држави.

Првата средба, која се одржа на Светскиот економски форум во Давос, беше моментот што ги откочи односите меѓу двете земји и започна процес на градење на доверба што резултираше со потпишување на Преспанскиот договор неполни шест месеци подоцна. Уште при првата средба тие порачаа дека потребно е градење на добрососедски односи за поддршка на евроатлантските перспективи, стабилност и економски просперитет во регионот.

Во периодот кој следеше по првата средба се одржаа повеќе состаноци, како на премиерите, така и на министрите за надворешни работи, Никос Коѕијас и Никола Димитров на кои Грција од кочничар на земјава се претвори во еден од главните поддржувачи на меѓународна сцена.

Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, со што се стави крај на тридеценискиот спор меѓу двете земји и отвори ново поглавје во нашата историја.

Со потпишувањето на договорот, се отворија вратите за зачленување во НАТО, но и за целосно и недвосмислено признавање на македонскиот јазик, идентитет и култура во сите меѓународни организации.

Трите децении на антагонизам и попречување помеѓу Грција и сега Северна Македонија завршија со потпишувањето на овој договор, кој беше препознаен како значаен чекор кон мир и соработка од сите страни од светот.

Премиерите Заев и Ципрас беа номинирани и за Нобелова награда за мир, бидејќи само за шест месеци успеаја од двете држави кои со недоверба и антагонизам гледаа една кон друга, да направат пријатели, сојузници и соработници на патот кон евроатлантска иднина.

Потпишувањето на Преспанскиот договор беше своевидна пресвртница во односите на Балканот и во начинот на кој што се носат одлуките во регионот. Принципите на соработка и градење на доверба ја заменија „балканизацијата“, односно потенцирање на различностите.

Периодот кој следеше по потпишувањето на Преспанскиот договор и зачленувањето на земјава во НАТО, донесе профилирање на Северна Македонија како земја партнер и сојзуник, наместо изолирана држава од претходно, што пак позитивни влијаеше на економијата и странските инвестиции.

Добрите односи меѓу Северна Македонија и Грција ќе продолжат да носат бенифит за граѓаните на двете држави и понатмау, а еден таков пример за проект кој носи подобра и побезбедна иднина е и Интерконекторот со терминалот за течен гас (LNG) во Александруполи. Овој интерконектор ќе придонесе за а енергетската диверзификација, бидејќи овозможува изградба на гасни централи.

Добрите односи меѓу двете земји дојдоа на виделина и при отворањето на преговорите за членство во ЕУ на Северна Македонија, кога Грција која до пред неколку години беше главниот кочничар, стана еден од најголемите искрени и силни поддржувачи на европскиот пат на земјава.