26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Oсмани за нападот на Пендиков: Има две страни во приказната, но, за мене, важно е она што го кажа тој

Во интервјуто за бугарската „БТВ“ министерот за надворешни работи, Бујар Османи истакна дека истрагата ќе покаже дали Христијан Пендиков во Охрид бил нападнат поради тоа што се чувствувал како Бугарин, а полицијата ќе одговори на деталите околу жалбата на Христијан во СВР Охрид поради наводни закани три дена пред да биде претепан.

– Се видов и со мајката на Христијан и и посакав брзо закрепнување на синот, но исто така и жалење за инцидентот. Испратив порака дека тоа не може и не треба да се повторува. Му кажав дека едно од лицата е во притвор, а се работи на пронаоѓање на останатите. Сигурно МВР ќе треба да ги даде деталите затоа што во моментов се одвива истрага. За мене е важно што напаѓачите се идентификувани, рече Османи.

На прашањето од новинарот зошто бил нападнат Пендиков и дали е претепан поради тоа што бил Бугарин, Османи потенцираше дека има две страни во приказната, но за него е важно тоа што го вели жртвата.

– За мене е важно тоа што го кажа Христијан и мајката му, а тоа е дека причината за инцидентот било изразувањето од негова страна дека е етнички Бугарин. Иако напаѓачите велат обратно дека имале некакви недоразбирања претходно, за мене е важно тоа што го кажа жртвата и нејзините родители. Истрагата сигурно ќе го покаже тоа, истакна Османи.

Министерот е убеден дека мнозинството граѓани на двете земји сакаат пријателство, партнерство и меѓусебна соработка, но има мала група на провокатори кои постојано се обидуваат да испровоцираат инциденти. За провокација Османи го ги смета и имињата на бугарските културни центри.

– Очигледно е дека имињата, независно како историски и научно ќе ги толкуваме улогите на тие личности во историјата, чувството кај најголем дел од граѓаните е дека тие имиња се провокација. Не треба да навлегуваме во историски дебати, туку треба да се разберат чувствата на Македонците. Ова го велам како човек кој доаѓа од заедница која имала проблеми со обединувањето и интеграцијата во општеството. Лично имам дилеми со делови од Законот за регистрација на здруженијата, но одлуката на Собранието е таква што имињата на клубовите не треба да бидат поврзани со фашистичкиот период од Втората светска војна кој ги навредува чувствата на граѓаните. И клубовите тоа треба да го направат. Планирам идната недела да ги поканам бугарските здруженија на еден состанок за да направиме план како граѓаните кои се чувствуваат како Бугари да се интегрираат во општеството, говореше Османи.

Новинарот го праша Османи како ќе се решат нападите кон Бугарите од страна на македонските институции каков што бил нападот од Комисијата за заштита и спречување на дискриминацијата мислејќи на ставовите на поранешната претседателка Весна Бендевска.

– Не знам дали сте биле во клубот во Битола. При влезот има еден голем постер на кој има цитат од Иван Михајлов: „…така наречениот македонски народ“. Ова ги навредува чувствата на македонскиот народ на истиот начин како што објавата на Беденвска на Фејсбук ги навреди чувствата на бугарскиот народ. Моја цел е да го прекинам овој круг, а не да барам кој почнал прв, додаде министерот Османи.