Иако нè делат уште девет месеци од претставувањето на новиот „ајфон“, веќе почнаа шпекулациите за изгледот на новиот модел „15“ и кои нови технологии и карактеристики „Епл“ ќе ги вгради во своите нови уреди.
Што се однесува до паметните телефони, компанијата не нè возбуди премногу во 2022 година бидејќи количината на новитетите беше сведени на минимум. Со други зборови, ако не сте биле принудени да купите нов „ајфон“, веројатно сте го прескокнале.
Но, судејќи според шпекулациите, петнаесетката, најверојатно, ќе има голем број добредојдени, долгоочекувани и оригинални решенија, кои, доколку се случат, значително ќе го променат искуството на „ајфон“.
Една од првите работи што ги посочува „Мек-руморс“ е она што сите корисници го чекаа – конечно, префрлување на USB-C (уесбе-це) и оддалечување од омразената технологија Lightning, која, и покрај некои разбирливи предности, на крајот е само фрустрирачка мака и една од понегативните страни на работата внатре во екосистемот на „Епл“. Ова значи и побрз пренос на податоци (поддршка за најмалку USB 3.2 или Thunderbolt 3).
Промените, вклучувајќи ја и оваа, ќе ги опфатат сите четири модели (два модела од 15 сантиметри и два модела од 17 сантиметри). Накратко, едната од двете големини на уреди ќе биде стандардна, а другата ќе биде подобар и поскап „про“-модел. Се разбира, сите најдобри карактеристики ќе се појават кај моделите „про“.
„Епл“ ќе ги користи модемските чипови на Qualcomm за новите уреди бидејќи нивните сè уште не се готови. Стандардниот модел ќе го добие минатогодишниот A16 чип од „про“-моделот, а моделите „про“ ќе добијат подобрен чип A17 од 3 нанометри. Дополнително, моделите „про“, најверојатно, ќе добијат титаниумска рамка, како и перископски леќи за подобро зумирање.
Се подразбира дека ова ќе ја направи и онака импресивната камера на „ајфон“ уште подобра.
Она што е интересно е воведувањето копчиња за јачина на звук и напојување во цврста состојба, кои би биле слични на оние што првпат беа претставени со копчето Home на „ајфон 7“. Со други зборови, не би имало механички копчиња, туку solid-state технологија, која користи „повратeн одговор на допир“ или haptic feedback (на јазик што го разбирате).