25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Забрчанец: Отворен Балкан не може да биде замена за ЕУ, но е забрзувач на нашата евроинтеграција

„Отворен Балкан е еден вид пилотирање на нашето членство во ЕУ. Тоа што го правиме со Отворен Балкан – овозможувањето на повеќе соработка, слободен проток на трговски продукти, зголемен извоз како резултат на зелените ленти, тоа е ЕУ. ЕУ е настаната по основ на економска соработка. Отворен Балкан не може да биде замена за ЕУ, но е забрзувач на нашата евроинтеграција“ изјави националниот координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи, Марјан Забрчанец во „Утрински печат“.

Тој кажа дека и Отворен Балкан и Берлинскиот процес се иницијативи кои се потребни една на друга и кои носат европеизација на регионот преку поставување на европски стандарди, кртитериуми што резултира со подобар живот на граѓаните и поквалитетни институции.
„Поддршката за Отворен Балкан е во постојан раст. Скоро и да нема политичка партија во земјава која не го поддржува Отворен Балкан. Истото важи и во Србија и во Албанија, се разбира постојат исклучоци од овој тренд, но ако ги видиме и анкетите, од почетните 50-60 отсто, денес речиси 80 отсто од граѓаните ја поддржуваат иницијативата“ рече Забрчанец.

Тој додаде дека најголеми поддржувачи и најголема потреба од Отворен Балкан имаат компаниите и бизнисите кои се секогаш тука да ги поддржат, но и критикуваат владите доколку тие забават во својот перформанс на она што е ветено.