25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Секоја одредба од Законот за работни односи е донесена во согласност со синдикатите и работодавачите

„Секоја одредба која што е ставена во предлог-законот за работни односи е консултирана и дебатирана на работните средби на кои учествуваа синдикатите и работодавачите. Само во изминатата година, колку што сум јас министерка, сме имале повеќе од четири работни средби кои траеле по три-четири дена, надвор од Скопје“ изјави министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска во „Топ тема“ на Телма.

Таа додаде дека министерството целосно транспарентно пристапило кон изработката на овој закон со вклученост на сите заинтересирани страни и дека сите предлози се носеа со заедничко решение по исцрпни дебати.

„Со новиот предлог закон се намалува времетраењето на договорите на определено време од сегашните пет на две години. Ист работник кај ист работодавач нема да може повеќе од три пати да склучува анекс на договор во рок од двете години. Компромисот тука беше што синдикатите бараа една година, а работодавачите три“ рече Тренчевска.

Таа додаде дека во новиот закон се додаваат и нови форми на работа, односно работа од дома и работа од далечина, поучени од искуствата со ковид пандемијата.

„Измени ќе има и за годишните одмори со што се трга горната граница на времетраењето на годишниот одмор, која сега е 26 дена. Минимумот останува 20 работни дена, а горната граница ќе се определува со колективен договор“ рече Тренчевска.