25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Марјан Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ: Претседавањето со ОБСЕ е верификација на македонската држава

Со почетокот на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, поранешниот амбасадор и дипломат Марјан Ѓорчев за порталот „Локално“ вели дека претседателството на земјата ѝ дава една меѓународна верификација, особено земајќи предвид дека конференцијата за безбедност и сигурност е многу важна за она што претставува еден стандард на мир, соработка и коегзистенција.

Тој потенцира дека претседавањето со ОБСЕ за Македонија значи афирмација во меѓународен поглед затоа што кога се раководи со една таква крупна организација значи и способност на државата да биде во тие меѓународни текови и регулирање на прашањето за безбедноста на целиот европски континент и пошироко.

Министерот Османи, на денешното обраќање пред Постојаниот совет во Виена истакна дека спречувањето на воената агресија врз Украина ќе остане приоритет и годинава ќе се преземаат активности на терен за да им се помогне пред сè на луѓето, но Ѓорчев потенцира дека ќе биде потребна голема умешност, голема доследност, познавање на состојбата во Украина, како и конзистентни потези согласно нашето членство во НАТО, пред сè, имајќи ја во предвид и улогата на Воената алијанса.

Со оглед на тоа дека ситуацијата за Европа е многу неповолна, предизвикува многубројни кризи и ќе донесе големи последици во демократијата, тој истакнува дека нашата позиција која ќе биде претставена таму, ќе значи наше позиционирање во однос на европскиот систем кон кој ние се обидуваме да бидеме дел. Тој вели дека нашата позиција нема многу маневарски простор и треба да биде позиција како онаа на НАТО алијансата.
Ѓорчев коментира и дека е од исклучителна важност за земјата да го искаже својот став, но преку мирољубие и залагање за решавање на конфликти преку дијалог. Тој потсетува дека Македонија и досега се залагала за мир во Европа и светот и секогаш средбите со претставниците на ОБСЕ претставувале еден многу важен елемент за оценка на способноста на македонското политичко раководство и македонската политичка култура. Токму тоа, дава и референца за нашата подготвеност за членство во ЕУ, вели за „Локално“ дипломатот Марјан Ѓорчев во врска со нашите приоритети за претседавањето со ОБСЕ.