Извозот на земјоделски производи од Албанија во Европската Унија и Балканскиот регион во текот на 2022 година се зголемил на повеќе од 473 милиони евра, што е највисока вредност досега, изјави министерката за земјоделство на Албанија, Фрида Крифца.
Во однос на 2021 година, извозот количински пораснал за 15,6 отсто, а вредносно за 18,1 отсто, покажуваат податоците на Министерството. Причина е инвестирање во синџири на снабдување и собирни складишта, пишува Euractiv. Исто така, за тоа придонело и зголеменото производство и извоз на зелен зеленчук.
„Според статистичките податоци, најголем раст е остварен во окрузите со најинтензивно земјоделство во земјава, како што се Берат, Лушња, Фиер и Дивјаке, каде што во една сезона имало две берби. Меѓу главните извозни производи се оранжерискиот зеленчук, домати, краставици, пиперки, зелка, кромид, праз и слично“, рече Крифца.
Министерството наведува дека албанските производи се извезуваат во најмалку 78 земји во светот.
Според извештајот на Светска банка за 2022 година, земјоделскиот сектор во Албанија има голем потенцијал, но се бори со зголемените трошоци, инфраструктурните предизвици и неискористените можности. Прилика за развој гледаат особено во одгледувањето домати. Извештајот на Светска банка покажал и дека Албанците значително потценуваат многу производи, вклучително токму и доматите. На пример, го продаваат за 0,48 евра за килограм, додека Италија го извезува истиот производ во Велика Британија за 2,3 евра/кг.
Сугерираат дека треба да се размисли за продажба на нивните производи на поразвиени пазари, како што е Западна Европа, бидејќи, како што тврдат, можат да се натпреваруваат според меѓународните стандарди.
Покрај доматите, можни извори на приход гледаат и во рибата, јаткастите плодови, овошје – особено лубениците и конзервираните маслинки.
Затоа, Европската комисија неодамна ја започна програмата ИПАРД III на ниво на ЕУ, во чии рамки ќе бидат инвестирани 112 милиони евра во албанскиот земјоделски и рурален развој.
извор: Агротим.мк