Министерството за култура врз основа на анонимни претставки и инспекциски надзор открила дека неколку државни институции под Министерството воопшто и немаат Правилници за реаудиција, што е задолжителна законска обврска. Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во „Топ тема“ кажа дека врз основа на претставката таа испратила писмо до директорите на установите во однос на тоа дали спровеле реаудиција за сценско-музичкиот персонал.
-Тоа не е поврзано со статусот на Колективниот договор. Овие изминати пет-шест години никој не бил замолчен, напротив имаме Синдикат кој многу јасно и гласно ги бара своите права, што е за почит, тоа е всушност работата на синдикатите… Ваквото писмо беше само претпратка на анонимна дојава дека одредени институции немаат спроведено реаудиција, нешто што е пропишано со Закон за култура од 1998 година.
Имаше одредени инспекции и директорите беа опоменати дека не спроведуваат законска обврска. Некои институции дури за реаудиција немаат ниту правилници и врз основа на инспекцијата ние моравме да ги задолжиме да изработат правилници, кажа Костадиновска Стојчевска.
Министерката додаде дека само девет институции имаат правилници за реаудиција.
-Директорите добија рок да спроведат реаудиција и да направат правилник. Всушност, постапувам по поплаките на синдикатите кои обвинуваат дека има вработувања без никакви услови, дека не се задоволни од работата на директори, истакна министерката.
Таа нагласи дека врз основа на реаудицијата вработените можат да напредуваат во дејноста.