25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАБИЗНИСТОП ВЕСТИ

Стигнаа првите сметки за струја со пресметка за субвенцијата, видлива е владината помош

Во поштенските сандачиња низ земјава започнаа да пристигнуваат сметките за струја во преку пример е прикажан износот на субвенцијата на Владата во конечната цена на електричната енергија.

Владата во текот на целата енергетска криза со 73% ја субвенционира цената на електричната енергија која ја плаќаат граѓаните, а сега преку информативната табела тоа може појасно да се види. Во информативната пресметка е прикажано колку би изнесувале сметките доколку Владата не ја субвенционираше цената на електричната енергија.

Согласно пресметката едно домаќинство кое плаќало 2000 денари за електрична енергија, без субвенцијата на Владата би плаќало околу 3455 денари односо 1455 денари повеќе, додека пак семејство кое плаќало 5000 денари за електрична енергија, без субвенцијата сметката би достигнала 8638 денари или над 3600 денари повеќе.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во гостување на Алсат синоќа кажа дека секое домаќинство во земјава било субвенционирано со по 21 илјади денари за електрична енергија оваа година, односно секој граѓанин добил субвенција од 6800 денари.

„Средствата што ги даваме за регулираниот пазар на електрична енергија значи дека секој еден наш граѓанин добива 6.800 денари годишно субвенции за струја или секое едно домаќинство добива по 21.000 денари субвенции за струја за оваа година“ кажа вицепремиерот Битиќи и кажа дека субвенционирана електрична енергија добиваат и малите компании кои плаќаат 220 до 260 евра за мегават час, додека берзанската цена е околу 500 евра.

Ова значи дека субвенцијата на Владата изминатава година овозможила 21.000 денари да останат во семејниот буџет на секое домаќинство во земјава и да се искористат за други намени, наместо да бидат потрошени за сметките за струја.

Во годинава која изминува Владата издвои околу 240 милиони евра за субвенционирање на електрична енергија и обезбедување на топлинска енергија за Град Скопје, сума која беше неопходна за да се спречи повисок ценовен шок и рестрикции во енергетскиот сектор.

Оваа сума ќе беше значително помала доколку во изминатите 30 години, претходните Влади наместо на споменици и фасади, парите од Буџетот на граѓаните ги инвестираа во енергетскиот сектор и државата обезбедеше поголема енергетска независност.

Со правилното менаџирање и правењето баланс меѓу справувањето со кризата и основните функции на државата, Владата успеа да се избори граѓаните да добиваат енергија и тоа да не биде на грбот на семејниот буџет. Борбата со енергетската криза на Владата ќе продолжи и следната година, што може да се види од Буџетот за 2023 година, каде се предвидени 250 милиони евра за мерки.