22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИСТОП ВЕСТИ

Градежна офанзива во најава: Ќе се гради автопат од Битола до Прилеп, привршува изградбата на експресниот пат Дреново – Градско

2023 година е година на градежна офанзива, барем според она што го гледаме на патиштата кои се претворија во огромни градилишта.

Владата на Македонија по повеќе децении за прв става акцент на југозападниот дел на Македонија Прилеп, Битола, Преспа и Охрид кој како да е отсечен од земјава затоа што патната инфраструктура со години беше само реновирана, а новитети немаше, иако овој важен дел од Македонија е и без автопат, со оглед дека тука живеаат неколку стотини илјади граѓани кои реално допринесуваат со неверојатно големи суми за полнење на буџетот, кој најчесто се трошеше само за скопјани. Овие региони дополнително се препознатливи по тоа што произведуваат храна и енергија за скоро цела Македонија.

Премиерот Димитар Ковачевски неодамна најави дека од 2023-та година започнува изградбата на автопатот Битола-Прилеп, кој е од клучно значење за регионот.

– Идната година конечно започнува изградбата на Коридорот 10Д, патот Прилеп – Битола, рече Ковачевски.

И додека патниот правец од Битола за Прилеп се очекува да стане автопат, не запира градежната офанзива на патниот правец Дреново – Градско, каде се пробиени и тунели.

– „Задоволство ми е што со голема динамика се гради експресниот пат кон Прилеп, кој е од голема важност за граѓаните на Пелагонискиот Регион, но и за цела држава. Втората делница од овој експресен пат, е половина завршена, досега сите рокови се запазени. Тунелот Фариш кој беше еден од најтешките делови на оваа траса е со две цевки, од кои едната е целосно пробиена, а на другата цевка градежните работи течат со предвиденото темпо, вели премиерот Ковачевски.

Забрзано се гради автопатот Кичево – Охрид

Откако беше постигнат успех да се решат сите проблеми што ги носеше автопатот Кичево-Охрид, особено откако беше промашена трасата од страна на претходната власт, сега градежните активности таму се одвиваат со несмалено темпо. Десната автопатска лента од Требениште кон Охрид е завршена и пуштена за сообраќај под времен режим освен кај Подмоље каде се одвиваат градежните работи за колекторскиот систем.

Тунелите на патот Кичево – Охрид за да бидат приспособени за сообраќај треба да се изработи вентилационен систем, противпожарна заштита, видео надзор, систем за детекција на опасни гасови, сообраќајна сигнализација и команден центар. Овие два се најдолгите друмски тунели во земјава со вкупна должна од четири километри.

Македонија како едно големо градилиште

Се градат и автопатите Скопје – Блаце, Гостивар – Кичево, Тетово – Гостивар, Требениште – Струга – Ќафасан, Прилеп – Битола, сета оваа патна инфраструктура ја прави Северна Македонија да е регионално поврзана.

Инаку граѓаните веќе ги чувствуваат придобивките од новата патна инфраструктура, на експресните патишта: Штип – Радовиш, завршена е првата фаза од патот Штип – Крупиште. Во овој момент активно тече изградбата на експресните патишта и Градско – Дреново, Крупиште – Кочани, Ранковце – Крива Паланка.

Транспорт и врски со буџет од рекордни 324 милиони евра

Транспорт и врски има развоен буџет, со крупни инфраструктурни и капитални проекти, кои значат поттикнување на економскиот раст, основа за понатамошен развој, што е особено важно во овие услови на најголема економско-енергетска криза во светот.

Предлог буџетот за Министерството за транспорт и врски за 2023 година изнесува околу 324 милиони евра, што е за 135% зголемување од оваа година.

Буџетската каса е проектирана за реализација на крупни капитални проекти како што се: Изградба на автопатот на Коридор 8 и Коридор 10Д; зградба на железница на Коридор 8; Изградба и санација на локални патишта во општините…