Порастот на цените, енергетската и економската криза како последица од војната во Украина, но и последиците од КОВИД пандемијата ја тресат цела Европа. Драматичниот пораст на цените ги промени потрошувачките навики во Германија, речиси двојно ги зголеми цените на храната во Турција, доведе до огромни поскапувања во Србија, а во Бугарија има дури и стагнација на економијата и намалување на платите.
Северна Македонија не е исклучок на ваквите економски движења и раст на цените може да се забележи и тука. Изминатиот период имаше пораст на цените на основните прехранбени продукти, но сепак, правилно насочените антикризни мерки на Владата успеаја да ги стабилизираат цените.
Со издвоените преку 760 милиони евра за помош на граѓаните да се справат со кризата и да се обезбеди ликвидност на компаниите, Владата се погрижи македонските граѓани помалку болно да ја почувствуваат кризата.
Ваквиот пакет беше оценет како најголем во однос на БДП и од страна на Светска банка, а со мерките за обезбедување на пониска цена на електрична енергија за компаниите кои произведуваат основни прехранбени производи се заузда и покачувањето на цените, дури и дојде до намалување.
Цената на маслото за јадење се намали за повеќе од 40 денари, а намалување до 10 отсто има и на останатите основни прехранбени производи.
Со обезбедената стабилна цена на електрична енергија за компаниите од први декември, се очекува да се намали цената на лебот, млекото, месото и сувомесните производи. 233 компании досега аплицирале за оваа мерка, а за да се спречи злоупотреба од Министерството за економија најавија засилени инспекции, а пазарните инспектори ќе вршат контроли на цените на храната.
Од друга страна, министерот за економија Крешник Бектеши најави дека нема да има драстичен пораст на цената на електричната енергија.
„Нема да има драстично зголемување на цената на струјата од 1 јануари, можни се и поместувања во надолна линија. Сѐ зависи од тоа што ќе утврди Регулаторната комисија откако ќе се направат соодветните анализи и проекции и, адекватно на тоа, ако е потребно ќе биде донесена соодветна одлука од страна на Владата. Во согласност со нашите проекции и разговорите што ќе ги имаме во Економскиот совет, можам да кажам дека кризата нема да биде на товар на граѓаните, на домаќинствата и на малите потрошувачи“ рече Бектеши.
Одговорниот, социјалдемократски однос на Владата кон кризата уште еднаш покажува дека ниту еден граѓнин на Северна Македонија нема да биде оставен сам да се бори со последиците од економската и енергетската криза и ја потврдува улогата на државата во заштита на своите жители.
Д. Е. / извор: Civilmedia.mk