Комбинатот е подготвен да ги преземе сите договорени количини тутун и веднаш да ги плати
Почна откупот на тутунот од годинашната реколта. Четири откупни компании од 10-те регистрирани во земјава ги отворија пунктовите. Годинашната реколта е договорена на над 25 000 тони, но се очекува да биде помала, иако е поголема од ланската и е поквалитетна.
Директорот на прилепскиот Тутунски комбинат, Кире Станкоски нагласува дека Комбинатот е подготвен да ги преземе сите договорени количини тутун и веднаш да ги плати. Отворени се 20 пунктови во градот и населените места.
-Тутунскиот комбинат е целосно подготвен за почетокот на откупот. Почнуваме на сите пунктови во градот и во населените места. Вкупно се отворени 20 откупни пунктови со 28 ваги. Имаме околу 4 000 кооперанти. Очекувам добра реколта. Исплатата ќе биде како и изминатите години, веднаш по преземените количества. Бевме предводници на зголемувањето на цените по класи, оваа година го извлековме максимумот, се надевам за догодина ќе се стабилизира економската ситуација, а со тоа и цените на тутунот, изјави Станкоски.
Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија смета дека откупувачите брзаат да го преземат родот зашто е помалку и квалитетен. Добро е што се зголемени цените што, реално, колку-толку ќе ги амортизираат трошоците.
– Компаниите брзаат да го почнат откупот уште во предвремениот рок зашто помалку е род и сакаат да го преземат. Годинава ќе имаме род иако нешто повеќе од лани но околу 19 000 тони. Очекуваме добра проценка на вагите. Сите фирми ги зголемија цените за 20 насто и потпишаа анекси и очекуваме дека годинава добро ќе биде проценет нашиот род. Ако дојде и до повисоки цени, тоа е добро за нас во оваа криза. Реално, и овие цени не се доволни според трошоците. Но малку од малку ќе се ублажат трошоците, рече Стомнароски.
По класи, зголемувањето е: за прва од 280 на 300 денари за килограм, за втора од 200 на 240, за трета од 150 на 180 денари и за четврта од 85 на 100 денари за килограм тутун.
Сојузот очекува до петок да се отворат сите 223 ваги, а повереници има на сите ваги. Инспекторатот, пак, смета дека ќе помине повеќе време.
Според директорот на Државниот земјоделски инспекторат Јане Станкоски, од 10-те регистрирани откупувачи, осум ги исполниле критериумите за почеток на откупот.
– Во земјава се 10 регистрирани откупувачи. Динамиката на откупот до инспекторатот ја доставија осум од десетте регистрирани откупувачи. Направени се инспекциските надзори, ги исполнуваат условите. Со откуп почнаа четири компании, вчера „Сокотаб“, денеска уште три компании. Не очекуваме проблеми во текот на откупната кампања и се надеваме на добар откуп. Постојано сме на терен во сите региони и секаде е истакнат бројот на инспекторатот и за секој случај сме подготвени да реагираме, изјави Јане Станкоски.
Крајниот рок да почне откупот на тутунот е 15 декември.