Biznispro.comДеновиве социјалните мрежи се преполни со реклами од познати македонски компании кои решија да се вклучат во големиот празник на купувањето познат како “Црн Петок”, пишува Biznispro.com во својата анализа.
Додека црниот петок во САД е вистинска атракција, а граѓаните можат да пазаруваат по несекојдневни цени, кај нас црниот петок како маркетиншки трик почна уште од пред една недела.
Голем број на компании поставија натписи со намалување на цените кои важат цела недела, но дали е тоа така?
Многумина деновиве се изненадија кога слушнаа дека попустите важат само на одреден дел на артикли, а голем број од компаниите го користат изразот намалување до -50 проценти или намалување до -70 проценти, но доколку подобро се погледне производ со толку намалена цена тешко ќе најдете, иако сте тргнеле на шопинг каде што се нуди -70 посто попуст.
Попустите најчесто се од 10-20 отсто за нови артикли, кои ионака се нудат со клуб-попустите и купоните кои што редовно се делат кон корисниците, или 20-30 отсто за застарена роба која ионака не би ја купиле. Секоја чест на исклучоците, но при нашето разгледување на 20-тина познати компании, големо реално намалување не најдовме ниту кај оние што продаваат облека, ниту пак оние кои продаваат технологија.
Реални попусти само кај услугите
Реални и по-опипливи попусти се забележани само кај компаниите кои што нудат услуги, пример храна, масажа, фитнес или пак онлајн услуги.
Збунувачки реклами
Компаниите кои продаваат технологија, но и оние кои продаваат облека нудат збунувачки реклами.
Пример на насловните страници на нивните онлајн сајтови се појавуваат големи билборд банери со попусти од 40-50 или 60 отсто, но доколку се упатите во делот на онлајн нарачки попустите воопшто не се вкалкулирани. Одредени компании овие попусти ги нудат само во своите продажни салони, па така граѓаните кои веќе пазарувале преку интернет кога ја виделе рекламата се изиграни и нема да го добијат Blackfriday попустот, бидејќи за тоа ќе мора да се упатат во најблискиот продажен салон, а таму артиклите кои се достапни онлајн ги нема.
Поскапени, а не поевтинати производи
Интересно е што поради ковид кризата технологијата отиде нагоре со цените, па така ако до пред 2 години можевте за време на црн петок или новогодишните празници да најдете 32 инчен телевизор од ниска класа за 4.999 денари, сега најевтиниот е над 7.000 денари. Има поскапување и кај компјутерските уреди, мобилните телефони…