Премиерот Димитар Ковачевски ја посети првата млекара во Тиквешијата, „Млечен пат“ во Кавадарци, каде имаше можност да го види производството на компанијата и со вработените и сопствениците да продискутира за мерките кои Владата ги презема за ублажување на последиците од светската енергетска криза.
„Задоволство е кога домашни семејни компании се развиваат, ги унапредуваат процесите на производство за зголемување на истото, вработуваат и придонесуваат во економскиот развој на локално ниво. Владата силно ги поддржува овие компании, и во услови на најголемата светска енергетска криза да продолжат со своето темпо на развој и да ја одржуваат ликвидноста. Секоја компанија е важна и секој вработен во неа. Токму затоа и јас, како претседател на Владата инсистирам секоја мерка, помош, субвенција, поддршка за граѓаните и економијата, што ја носиме да биде праведна и сеопфатна. Оваа Влада мисли на сите. Таков е и последниот пакет мерки за заштита на домаќинствата и стопанството од поскапување, што го донесовме изминатиот викенд. Со новиот пакет мерки го зачувуваме стандардот на граѓаните и ги штитиме компаниите. Со мерката – поевтина струја од 80 евра по мегават час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи, ги стабилизираме цените на пазарот. Производителите на основните производи веќе јавно соопштија дека со помошта од државата, тие цените би ги намалиле за најмалку 10%. Владината одлука се однесува на компаниите коишто произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија“, изјави премиерот Ковачевски и додаде дека со овие мерки компаниите ќе имаат предвидлива есен и зима, бидејќи ќе знаат колкави ќе бидат нивните трошоци и како ќе може да функционираат, а крајниот бенефит од тоа го имаат граѓаните, бидејќи тие ќе добијат стабилни цени на производите што ги произведуваат овие компании.
Марина Манева, сопственик и технолог во компанијата „Млечен пат“ истакна декa како компанија која припаѓа на прехрамбениот сектор, многу е важно како да се справат со високите давачки кои придонесуваат во формирањето на крајната цена на продуктите и од таа причина секоја помош за намалување на трошоците е добредојдена.
„Со премиерот Ковачевски, освен за процесот на производство на кашкавал и сирење поразговаравме и за владината мерка со која се обезбедува поевтина струја за компаниите од овој тип, што практично значи директна помош од Владата за стабилизирање на цената на млечните производи. Лично очекувам дека со воведувањето на оваа мерка и цената на млечните производи би се намалила за десет проценти до јануари 2023 година, можеме да планираме и дополнителни инвестиции и да го зголемиме производството на „Млечен пат“, но исто така се надеваме дека поддршката на Владата ќе продолжи и во наредниот период“, рече Манева.