„Природно е како министер за локална самоуправа, првата активност да ја започнам со најголемата единица на локална самоуправа, градот Скопје и градоначалничката која воедно е и претседател на ЗЕЛС’, рече новоименуваниот министер Ристо Пенов во гостувањето во ‘Само вистина’. Тој вели дека токму од тука треба да тргне разрешувањето на проблемите и да се отворат можности.
-Бев да разговарам кои се проблемите, каде е Владата, кои се односите со Владата, што може да се промени, што да се подобри. Интерес на Владата е скопјани да бидат задоволни. Да бидат задоволни од условите за живеење во Скопје, рече Пенов.
Тој додаде дека во некои општини дури и сметките се поголеми од приходите, но затоа се преземаат дополнителни мерки, а една таква е за училиштата и јавните претпријатија да бидат внесени на регулираниот пазар.
-Видете, ние сме Македонија, немаме енергија, немаме пари да ја купиме, за да можеме така лесно да се однесуваме. Улогата на општината е да заштеди енергија, преку јавните осветлувања. Води ли некој сметка во колку часот се вклучуваат светлата, дали е мрак, во колку се исклучуваат. Еден час да горат сите сијалици, тоа е во ветер фрлена енергија која некој треба да ја бенефицира, бидејќи цената којашто се плаќа не е цена на чинење, поскапо ја произведуваме за да ја дадеме поевтино. Лед сијалици ставени ли се?, прашува Пенов.
Говорејќи за состојбата со јавниот превоз, тој сподели дека тоа е покомплексно прашање.
-Голем дел од приходите на ЈСП ги земаат приватниците коишто се уште возат, тука треба да се направи некоја акција, некоја мерка. Тие возат заради упад во системот, во 91-ва, 92-ра, кога се формирале и до ден денес заради економска активност, за да не се угаснат тие се одржуваат. Се водат војни, но најслаткиот дел на колачот од јавниот превоз е кај приватниците, бидејќи тие не возат во часови кога нема патници, не возат во денови кога нема патници. А, ЈСП мора да ја одржува релацијата. Не возат во далечни села за пет патници. Второ, цената на превозот е, да не речам од мое време иста, а колку се променија работиве, заклучи Пенов.