Статус на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски:
Вечерва веднаш по пристигнувањето во Тирана, со особено задоволство ја прифатив поканата да се сретнам со заменик извршниот директор на Агенцијата за Европската гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС), Ларс Гердес.
На средбата стана збор за повеќе теми, особено за заедничкиот успех со потпишувањето на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за Европската гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија. Се согласивме дека со Договорот ја отвораме вратата за поинтензивна соработка заснована на доверба и меѓусебно почитување, во борбата против илегалната миграција поврзана со криумчарењето на мигранти и трговија со луѓе како врвен приоритет, и за РСМ и за ЕУ. Во таа борба, со имплементација на овој договор заеднички ќе чекориме кон патот на евроинтегративните процеси, преку преземање на заеднички акции, свесни дека ќе обезбедат бенефит за двете страни.
Можам со задоволство да информирам дека, по ратификацијата на Договорот во нашиот и во европскиот парламент, засилено ќе течат активностите за негова брза и квалитетна имплементација, преку изготвување на Oперативен план и ставање во функција на сите потребни капацитети. Искуствата покажуваат дека заедничка карактеристика за спроведување на овој договор и во земји членки и во оние кои сѐ уште не се членки на ЕУ, е меѓусебно споделување на знаењата и искуствата, со цел обединување на силите.
Исто така, во текот на ноември годинава се очекува тим експерти од ЕУ да пристигне во Република Северна Македонија со цел да се разгледаат можностите за идните заеднички активности, за што ние како држава веќе собравме искуства со заедничката седумгодишна меѓународна операција на нашата јужната граница.
Фактот што Европската унија, ја препозна Република Северна Македонија како посветен и стабилен партнер, со кој ќе склучи договор за да обезбеди уште посигурни граници и поголема безбедност на граѓаните и на Република Северна Македонија и на Европската Унија, е уште една потврда дека чекориме по патот на напредокот.🇲🇰🇪🇺