Иако струјата на слободниот пазар за една година поскапи за речиси 400%, висината на сметката кај домаќинствата во земјата со последната корекција на цените се зголеми само 9,5% како резултат на мерките на Владата за покривање на загубите на ЕСМ и МЕПСО. Поконкретно, тоа значи дека Владата дел од парите на граѓаните во Буџетот им ги враќа назад на граѓаните преку 80% пониски сметки за струја со покривање на загубата на ЕСМ.
пишува ЗОРАН БОЈАРОВСКИ
Кризната состојба овозможи со одлука на Владата, наместо законски предвидените потребни количини струја од 60% за 2022 година за домашниот пазар, односно за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, ЕСМ да произведе 100% струја од сопствените капацитети.
Оваа, како една од најважните мерки од пакетот за справување со енергетската криза, беше остварена на 22 октомври со потенцијал да се одржува до крајот на годината, кога се очекува мерката да биде продолжена и во 2023 година.
Со прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор со одлука на Владата, започнаа да се спроведуваат мерките и политиките предвидени за втората половина на годината кои ги дадоа првите зацртани резултати.
Со задолжението за ЕСМ да обезбеди 100% електрична енергија од сопствените капацитети, како и со активните мерки за „субвенционирање“ на цената на струјата за домаќинствата, се избегна ценовниот удар кон граѓаните.
За да биде ова остварливо, на средбата Ковачевски-Мицотакис во септември беше договорено Грција да обезбеди непречен извоз на мазут и јаглен како суровини за производство на електрична енергија во Северна Македонија за четвртиот квартал од 2022 и првиот квартал од 2023 во РЕК Битола и РЕК Осломеј, како и мазут за непречено да функционира ТЕЦ Неготино.
Со тоа целта да се обезбеди 100% домашно производство на струја се оствари, а за да биде појасно како Владата ги „покрива“ сметките на граѓаните дури со 80% од реалната вредност на струјата треба да се знае следното.
Иако струјата на слободниот пазар за една година поскапи за речиси 400%, висината на сметката кај домаќинствата во земјата со последната корекција на цените се зголеми само 9,5% како резултат на мерките на Владата за покривање на загубите на ЕСМ и МЕПСО.
Поконкретно, тоа значи дека Владата дел од парите на граѓаните во Буџетот им ги враќа назад на граѓаните преку 80% пониски сметки за струја со покривање на загубата на ЕСМ.
Како што објаснуваат од ЕСМ за ЦивилМедиа, ова всушност значи дека Владата дел парите на граѓаните од Буџетот му ги префрла ова акционерско друштво во државна сопственост за да ја покрие загубата на државните електрани кога производната цена на струјата од околу 68 евра за мегават час му ја продаваат на универзалниот снабдувач, односно на ЕВН Хоум, за 47 евра за мегават час.
Производната цена од 68 евра, инаку, значи дека тоа е вредноста на струјата што ја произведува ЕСМ, односно цена без добивка и без загуба.
Во пракса, ова „субвенционирање“ не значи дека парите им се префрлаат директно на граѓаните, туку дека висината на сметките на граѓаните се држат „ниски“ додека ЕВН Хоум ги снабдува граѓаните со домашна струја по ниска цена којашто Владата ја „покрива“ за висината на разликата на реалната вредност на домашно произведената струја од 68 евра.
Изгледа комплицирано, но всушност не е. Регулаторната комисија за енергетика за ЦивилМедиа ова го објаснува со укажувањето дека доколку владата не ја покрива разликата во цената кон ЕСМ од 260 милиони евра на годишни ниво кон ЕСМ, и уште дополнителните околу 210 милиони евра, колку што чини втората најголема ставка во сметката за преносот и дистрибуцијата, која ги опфаќа и загубите на МЕПСО и Електродистрибуција, потенцијалниот трошок којшто би паднал на товар на граѓаните би изнесувал околу 470 милиони евра.
Тоа реално значи дека сметките на граѓаните коишто сега изнесуваат до 2000 денари во просек месечно за струја, би пораснале до 5000 денари. Тоа е суштината на често повторуваната порака на Владата дека таа ги „субвенционира“ сметките на граѓаните со 80%.
Оттаму, според Регулаторната комисија за енергетика, доколку земјата се водеше по моделот за снабдување со електрична енергија на домаќинствата како пред кризата утврден со Законот на енергетика без да води грижа за социјалните импликации што ги донесе економската и енергетската криза, сегашните сметки на граѓаните ќе беа повисоки за речиси три пати.
извор Civilmedia