26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Потврдено од ЕУ: Одлучно и решително се движите напред, сонот на младите ќе стане реалност

„Последниот извештај на Европската комисија покажа дека Северна Македонија се движи напред по европскиот пат. Навистина е прекрасно да се види колку одлучно и решително се движите напред“ изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен на прес-конференцијата со премиерот Димитар Ковачевски.

Таа додаде дека земјава успеа да ја зацврсти демократијата, да го зацврсти владеењето на правото, да постигне напредок во реформите на правосудниот систем и да развие цврста пазарна економија, која ја покажува својата отпорност во време на кризи.

„Уверена сум дека ќе продолжите да се движите напред на патот кон членството и го заслужувате тоа. Младите сонуваат за Европа, уверена сум дека сонуваат Северна Македонија да биде членка на ЕУ и да биде местото каде тие ќе сакаат да ја обликуваат својата иднина“ рече Фон дер Лејен.

Претседателката на ЕК додаде дека се уште има работа пред земјава, но гледајќи ја решителноста изрази увереност дека ќе биде исполнет сонот на младите и дека Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ, бидејќи ЕУ не е целосна без Северна Македонија.