22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИСИЗБОР

Ангеловска-Бежоска од Полска: Регионот се соочува со пад на стапката на работоспособно население

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска го водеше еден од трите панели на Конференцијата на централната банка на Полска, а останатите два панели ги водеа Гувернерот на Централна банка на Австрија и Гувернерот на Централната банка на Литванија. Конференцијата беше посветена на процесот на конвергенција во регионот на Централна и Југоисточна Европа.

„Без сомнение во последните три децении има голем напредок во трансформацијата на економиите на земјите од Централна и Југоисточна Европа и во нивната конвергенција кон напредните економии на ЕУ, при што брзината варира помеѓу различни земји и во различни периоди. Сепак, најмал е прогресот на регионот на Западен Балкан каде доходот во однос на просечниот доход во ЕУ-15 во просек сеуште е помал од 40%“ истакна Ангеловска-Бежоска отворајќи ја како модератор панел-дискусијата.

„Во периодот пред пандемијата се забележа забавување на конвергенцијата, а ризиците за натамошно забавување се нагласени од шоковите со кои тековно се соочуваме“ истакна таа додавајќи дека пандемијата и другите шокови кои следеа, ги погодија сите економии, но не со еднаков интензитет поради различните структури и разлики во реакциите на политиките. Со тоа дополнително се нагласува ризикот од понатамошно разидување наместо конвергенција, т.е. ризик од зголемување на јазот во економскиот просперитет. Овој ризик е уште повеќе изразен кај земјите кои не се членки на Европската Унија бидејќи тие немаат пристап до фондовите на ЕУ кои се наменети за тоа (на пример Фондот за заздравување од пандемијата со кој се финансираат инвестиции и структурни реформи). Забавување на конвергенцијата е резултат и на циклични, но и на структурни фактори што се согласува и преку намалениот потенција за раст на регионот. Намалениот потенцијал за раст се објаснува преку трите долгорочни фактори за раст: човечкиот капитал, физичкиот капитал и продуктивноста.

Говорејќи за работната сила на населението во државите, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека регионот се соочува со пад на стапката на работоспособно население што е одраз на неповолните демографски трендови, но и на иселувањето. Со оглед на проценките дека во некои земји околу 1/3 од емиграцијата се лица со висока квалификација, овие трендови негативно влијаат не само на обемот, туку и на квалитетот на работната сила. Оттаму, структурните реформи се клучни за подигнување на потенцијалот за раст и побрзо доближување до доходот на развиените економии во ЕУ.

За перспективите за континуирана конвергенција во Централна Европа, за стареењето на населението и растечките трошоци за работна сила, за економските модели на раст и финансиските системи кои се значајна поддршка за поттикнување на економскиот раст, како и за дизајнирањето на соодветни макроекономски политики во услови на висока неизвесност на панел-дискусијата разговараа Корнел Бан, вонреден професор по меѓународна политичка економија при Копенхаген школата за бизнис, Дејвид Марш, претседател на Официјалниот форум на монетарни и финансиски институции (ОМФИФ) и Рајнер Мартин, директор на Одделот за истражување при Народната банка на Словенија.