Со исплатата на септемвриската плата, вработените во основното и средното образование ќе добиваат за 15 отсто повисоки месечни примања, истакна на денешната прес-конференција, Даниела Колева, пратеничка на СДСМ.
„Од вкупно 32.500 вработени во основното и средното образование кои добиваат повисоки плати, 25.000 се наставници, а покачувањето изнесува просечно по 3.000 денари. Со последното зголемување, СДСМ за само пет години ги покачи платите за 36 отсто, што е повеќе од една третина.
Тоа е далеку поголемо зголемување на платите, од времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ кога за период од 11 години, платите во основното и средното образование биле зголемени само за четири проценти“, дополни Колева.
Покрај платите, според неа, СДСМ инвестира и во унапредување на условите за работа на наставниот кадар.
Досега, како што рече реконструирани или изградени нови се 80 објекти на основни и средни училишта низ целата држава.
„Истовремено, Владата предводена од СДСМ донесе одлука објектите на основните и средните училишта да се префрлат на регулираниот пазар на електрична енергија што значи помали сметки за струја и непречено одвивање на наставата со физичко присуство низ целата грејна сезона. Ова е пример за вистинска грижа за образовниот процес, вистинска грижа за наставниците и учениците“, рече пратеничката од СДСМ.