Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Букурешт, на покана на неговиот романски колега Лучијан Никола Боде ја предводи делегацијата од МВР која е во официјална посета на Романија. Во рамки на посетата беше реализирана средба помеѓу двајцата министри, на која досегашната билатерална соработка меѓу двете Министерства за внатрешни работи беше оценета како плодна и отворена, со желба за понатамошно развивање со зголемен интензитет, како резултат на добрите односи кои постојат меѓу двете земји и заедничката позиција во спротивставување на актуелните безбедносни закани, одржување на мирот, стабилноста и безбедноста на нашите граѓани и држави.
За време на разговорите помеѓу двете делегации, во делот за справување со илегалната миграција, како предизвик со кој се соочуваат сите држави, министерот Спасовски потенцираше дека во првата половина на 2022 година обидите за илегални преминувања во Северна Македонија бележат опаѓачки тренд за 8,3%, а во поглед на борбата против криумчарењето на мигранти годинава државата бележи зголемување од 72% на криумчарените мигранти, додека во врска со случувањата во Украина беше посочено дека земјата презема соодветни мерки со цел олеснување на влезот во државата на основа на хуманитарни причини и престојот на оние кои не се во состојба да обезбедат приватно сместување.
Што се однесува до меѓународната полициска соработка помеѓу двете земји, министрите Спасовски и Боде оценија дека таа се реализира на високо професионално ниво преку сите меѓународни и регионални канали на полициска соработка, што подразбира брза, квалитетна и ефикасна размена на оперативни сознанија, односно редовно постапување по барања упатени од двете држави за различни видови на проверки во сите форми на криминал, изразувајќи уверување за континуирано зацврстување на партнерството во понатамошните активности во областа на безбедноста, за што дополнително ќе придонесе и Статусниот договор со Европската Агенција за гранична и крајбрежна стража, кој се очекува да биде потпишан набрзо, преку кој дополнително ќе се зајакнат напорите во спречување на илегалната миграција, различните видови на прекуграничен криминал и интензивирање на меѓународната и европска соработка.
Во рамки на средбата, како уште еден показател за одличната билатерална соработка двајцата министри го потпишаа Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Романија за зацврстување на соработката во областа на внатрешната контрола и спречување и борба против корупција, со кој се испраќа сериозна заедничка порака за сузбивањето на коруптивното однесување на полициските службеници и другите вработени лица во надлежните органи како и организираните криминални групи кои се бават со овие незаконски активности. Во насока на зајакнување на меѓусебната соработка, пак, беше потпишан и Меморандум за разбирање меѓу министерствата за внатрешни работи на двете земји за поддршка и соработка во областа на заеднички обуки кои имаат за цел реализација на програми за размена стручен кадар и кадети, размена на искуства и податоци, изработка на заедничка програма за обука, како и спроведување заеднички обуки и проекти.
На маргините на официјалната посета на романското МВР, делегацијата на Министерството за внатрешни работи преку посета и презентација имаше можност да се запознае со работењето на Оперативниот координативен центар на граничната полиција на Романија, а на агендата на министерот Спасовски за време на престојот во Букурешт, кој е и седиште на СЕЛЕК – Центар за спроведување на Законот во Југоисточна Европа, закажана е и средба со генералниот директор на СЕЛЕК, Огуш Серкан Акин.