Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, пред денешниот почеток на скрининг процесот испрати порака на својот Фејсбук профил дека сè е подготвено за следната фаза од евроинтеграциите и дека македонскиот тим е спремен за отворањето на скриниг процесот.
„Преговорите се отворени. Денеска започнуваме нова фаза на евроинтегративниот пат и исполнување на нашата стратешка цел.
Скринингот е важна задача за сите нас. Затоа сите да се обединиме околу оваа национална задача и да ја завршиме што е можно поскоро. Имаме добра основа и почитичка волја и капацитет да го направиме тоа.
Граѓаните сакаат и заслужуваат да живеат во европска Северна Македонија и да ги користат бенефитите што ги носи членството во Унијата.
Нека ни е со среќа и успех!“, вели вицепремиерот и главен преговарач, Маричиќ.
Северна Македонија после одржувањето на првата Меѓувладина конференција со која и официјално ги отвори преговорите со Европската Унија денес започнува со првата фаза од преговорите, односно скриниг процесот.
Денеска почнува објаснувачкиот скрининг за Поглавје 5, Јавни набавки. Македонската делегација ја преводи ЗПВ задолжен за европски прашања и главен преговарач Бојан Маричиќ, дел од делегацијата е и државната секретарка во СЕП и заменик на главниот преговарач Дрита Абдиу Халили, а исто така во делегацијата се вклучени и претставници од надлежните институции и од Секретаријат за европски прашања.
Од 15 -27 септември 2022 година ќе се одвиваат состаноци за областите и поглавјата од Кластерот Фундаментални вредности, кога Комисијата ќе го презентира новото законодавство за овие области. Сите состаноци се одржуваат во Брисел, освен за Поглавјето 18 Статистика во Луксембург.