23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Најтешкиот период почнува на 1 октомври, ќе го зголемиме домашното производство на електрична енергија

Да ги подготвиме сите ресурси на државата за максимално производство на сопствена енергија, ќе биде целта на Владата во претстојниот период, соопшти премиерот Димитар Ковачевски по завршување на седницата Советот за безбедност.

Ковачевски посочи дека најтешкиот период почнува на 1 октовмри и ќе трае до април 2023 година па и понатаму, до почетокот на летото, а целта е на сите граѓани, ученици, студенти и бизниси да им се обезбеди најниска можна цена на струјата, како и снабдување со топлинска енергија по сегашната цена со задржување на евтината тарифа и 24-часовна достапност.

„Ова е ужасно тешка ситуација и немам намера тоа да го правдам. Оваа есен, зима, следната пролет се најтешки во повоената македонска држава и ние тоа ќе го пребродиме заедно. Планот е договорен, денеска презентиран и во претстојниот период, но веќе се работи и на негова реализација. Се работи и на нов енергетски план за следната пролет, како и на план за максимално зголемување на производството на храна“, истакна Ковалечески додавајќи дека за она што следува државата се подготвува и е подготвена.

Најави зголемување на домашното производство за 25 проценти и субвенционирање на цената на струјата за граѓаните.

„Планот за производство на ЕСМ, државната компанија за производство на електрична енергија, оваа година ќе го зголемиме 25 отсто. И реализацијата на планот ќе ја следиме секојдневно. Ќе го следиме спроведувањето на задачите што ѝ се дадени на ЕСМ, и тоа почнувањето со третиот блок во РЕК ‘Битола’, почетокот на работа на вториот котел на резервната ТЕЦ ‘Неготино’, работата на хидроцентралите и многу важно – користењето на целиот потенцијал и ставање во функција на когенеративната гасна централа ТЕ-ТО во Скопје и, пред сè, и за време и по грејната сезона, како и користење на сите обновливи извори на енергија од сонце, ветер и вода“, рече Ковачевски.

Постојат, како што додаде, и ризици поради можни испади поради застареност на опремата во некои блокови стари по и 45-50 години, но и во однос на цените во светски рамки, евентуални забрани за извоз на природен гас и други суровини за производство на електрична енергија.

Премиерот апелира да се престане со копањето криптовалути затоа што на тој начин се користи многу електрична енергија субвенционирана од народот.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, нагласи дека го свикал Советот за безбедност зашто сметал дека е важно да се чујат сите надлежни за темата што ги засега сите.

„Не е тајна дека нè очекува тешка зима“, рече Пендаровски.