25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Пендаровски: Референдумот на ВМРО-ДПМНЕ е антиевропски – Зошто Мицкоски не бара референдум и за Преспанскиот договор?

Шефот на државата Стево Пендаровски во вторникот ја критикуваше опозициската иницијатива за референдум за Договорот со Бугарија и смета дека таа води кон прекин на европскиот пат.

Остри критики од претседателот Стево Пендаровски за вчерашната одлука на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ за поведување иницијатива за референдум на кој граѓаните би се изјаснувале за Договорот за пријателство со Бугарија потпишан пред повеќе од 5 години.

„На референдумот од опозицијата ќе добиеме прашање со кое во суштина македонските граѓани ќе ги прашуваат дали сакаат да престанеме да одиме кон ЕУ“, изјави Пендаровски по седницата на Советот за безбедност.

Пендаровски оценува дека се работи за антиевропско изјаснување.

„Значи, вие ако дадете поддршка на таков референдум – класичен антиевропски со прашањето, нема потреба понатаму да го менувате Уставот. Едното го исклучува другото. Накратко, она што го очекувавме тоа и го добивме. Добивме прашање со кое во суштина македонските граѓани ги прашуваат или ќе ги прашаат – дали сакате да престанеме да одиме кон ЕУ. Тоа е прашањето“, рече Пендаровски.

Според претседателот, чудно е зошто во референдумското прашање не се спомнува и Преспанскиот договор, бидејќи, како што вели, во европската преговарачка рамка со која почнавме преговори неодамна во истата реченица се наведени и Преспанскиот и Договорот со Бугарија.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во понеделникот одлучи да поведе иницијатива за референдум со прашање: „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, објавен во Службен весник бр 12/2018 од 18.01.2018?“.