24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Петровска: Како најнова членка на Алијансата од исклучителна важност е придонесот во доменот на стратегиските комуникации

„Само две години по формалното членство во НАТО, нам ни е доверена оваа одговорност да бидеме домаќини на најголемата Конференција за комуникатори во Алијансата и за нас како најнова членка на Алијансата е од исклучителна важност да дадеме свој придонес во доменот на стратегиските комуникации“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска по денешниот брифинг со претставниците на медиумите на кој информираше за претстојната НАТО – Конференција за комуникатори која ќе се реализира во Скопје следната недела.

Министерката посочи дека очекува отворена интелектуална, политичка и стратегиска дебата од која треба да произлезат идеи и практични решенија за голем број отворени прашања од областа на стратегиските комуникации, како алатка на лидерите и како поддршка во напорите на Алијансата за „одбрана и одвраќање“ на сите потенцијални безбедносни предизвици во НАТО и земјите – членки.

Директорот за комуникации во Сојузничката команда за трансформација, Џеј Џанзен истакна дека станува збор за конференција на која што има претставници од 30 земји членки, сојузници, кои што тука во Скопје, во Република Северна Македонија, како најмлада земја сојузник, ќе го демонстрираат единството на земјите членки на НАТО.

„Фактот дека овие 300 претставници на земјите членки и земји партнери се присутни тука во Скопје, за време на оваа конференција, ја покажува кохезијата на воената Алијанса во однос на начинот на кој ние учиме за себе и ја почитуваме нашата разноликост. Во исто време комуникациите се користат и против нас и заедно треба да дискутираме, соработуваме, учиме и споделуваме, зашто кога сме здружени можеме да ги надминеме овие предизвици, да ги обезличиме и да ги истакнеме работите кои што се важни за нас како Алијанса. Преку нашето присуство тука покажуваме дека заедно сме посилни“, рече Џанзен.

На Конференција ќе се разговара за информациските активности за време на руската инвазија на Украина, соработката со партнерите во оваа област, новиот Стратешки концепт на Алијансата и дигиталните комуникации.

На отворањето на Конференцијата освен министерката Петровска, ќе се обратат и премиерот Димитар Ковачевски, како и помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Баиба Браже, а со видео обраќања ќе се обратат и командантите на двете НАТО Команди: генералот Кристофер Каволи, командант на Командата за операции и генералот Филип Лавињ, командантот на Командата за трансформација.