23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАБИЗНИС

„Брако“ го освојува пазарот на турбини за МХЕ во Скандинавија

Кога на глобално ниво, производството на електрична енергија од обновливи извори е со забрзано темпо, „Брако“ како компанија со најсовремен машински парк одговара на зголемениот интерес на западноевропските компании во доменот на енергетскиот сектор.

„Градејќи стратешки деловни односи, ’Брако’ кон крајот на минатата година произведе три Пелтон турбини, а годинава работиме на шест нови, за скандинавскиот пазар. Сите испорачани турбини се веќе пуштени во работа и работат беспрекорно“, вели Перо Колев, технички директор на Секторот за тешки метални конструкции.

„Сите овие турбини се од Пелтон тип, кои може да бидат хоризонтални и вертикални и со најразличен капацитет зависно од барањето на клиентот. Овој тип на турбини се изработуваат на два CNC управувани борвер машини кои се меѓу најголемите машини во овој дел на Европа и имаат можност за најразлична обработка и постигнување на бараната прецизност на нашите клиенти,“ вели Славчо Митревски, одговорен на секторот за машинска обработка во „Брако“ како дел од тимот на млади и докажани инженери на раководни позиции.

Во наредниот период се очекува да се зголеми интересот за овој тип на опрема поради моменталната ситуација во Европа и недостаток на заменска енергија што се потврдува со зголемениот број на барање за понуди од реномирани западноевропски компании.

Со овој вид на производство во „Брако“ се отвораат нови работни места за оператори на CNC машини во кои се применува највисока технологија во машинската обработка која е најсовремена во светот.