Со изменетиот, прецизиран, дополнет француски предлог го добивме она за што со години се бориме, а тоа е чиста формулација на македонскиот јазик, рече денеска на прес конференција премиерот Димитар Ковачевски.
„Во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик. Оваа прилика би сакал да ја искористам и да повторам дека македонскиот јазик, во предлогот е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на Европската Унија без никакви фусноти, дообјаснувања и ѕвездички. Исполнета е клучната позиција, државната, која беше најважна за нас и на која останавме доследни, рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека со овој предлог сите шпекулации кои алудираат на спротивносто се лажни и невистинити.
„Ние, Македонците сме горди на својата историја, горди сме на својот јазик, горди сме на својот идентитет со сите негови аспекти. Македонскиот народ ниту некој успеал досега да го асимилира, ниту го асимилирал, ниту некогаш ќе се случи да го асимилира. И тоа е факт.“ рече Ковачевски.