Антиевропските протести зад кои отворено стојат опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица, денеска ќе се започнат пред зградата на Владата, па ќе продолжат преку мостот Гоце Делчев кон ТЦ Мавровка, а оттаму кон Министерството за надворешни работи, па до зградата на Собранието.
Трасата на протестот беше соопштена до медимите преку новорегистрирана имејл адреса во која стоеше кратка порака: „Граѓаните и денеска масовно ќе се спротивстават на понижувачкиот предлог за Македонија со кој се прифаќаат сите бугарските услови“.
На синоќешниот протест беа пробиени полициските огради пред Собранието и Владата на РСМ и се фрлаше со разни предмети кон полицијата. Денеска, на социјалните мрежи повеќе анонимни профили повикуваат на насилство.
Протестите, кои се водат под неформалното име „Ултиматум? Не, благодарам“, започнаа во саботата 02 јули 2022 година и имаат за цел да ја натераат владата да го отфрли предлогот на Европската Унија за почеток на преговорите за членство на Македонија. Како што тврдат организаторите, прифаќањето на предлогот и преговарачката рамка во оваа форма, ќе значи бугаризација на земјата.
Од владејачкиот Социјал-демократски сојуз соопштија дека најмалку четворица полицајци биле повредени во вчерашните протести.
“На Денот на независноста на САД, на Денот на борецот, на дело се виде насилството на анти НАТО и анти ЕУ коалицијата на Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев. Јавноста вчера виде обиди за повторување на крвавиот четврток, на 27 април 2017 година од страна на политички партии кои не ѝ мислат добро на државата и граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Тие додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица по секоја цена се обидуваат да ја дестабилизираат државата, да го попречат процесот на евроинтеграција, одработувајќи за туѓи интереси.
„СДСМ, институциите и граѓаните нема да дозволат деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да ја загрози европската иднина на државата, нема да дозволат општеството да се врати назад во изолација и поделби“, се наведува во нивното соопштение.
Од владејачката партија ДУИ најостро го осудија насилството и антиевропските инциденти што се случија синоќа на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ и Левица пред зградата на Собранието и Владата.
„Во решавачките моменти за државата, во моментите кога се пишува историја и се поставуваат темелите на европскиот пат, Демократската унија за интеграција ги уверува институциите и граѓаните дека нема да дозволи во ниту еден момент да скршне од патот на Евро-американско пријателство и европската интеграција. Проруските партии кои водат насилни протести против евроинтеграциите ја спроведуваат агендата на Москва за дестабилизација на земјата и регионот, но за среќа овие помали партии немаат поддршка од граѓаните“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и денеска преку соопштение велат дека ги поддржуваат граѓаните, кои „достоинствено и гласно се противат на оваа капитулација на владата на Ковачевски“.
„ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува граѓаните кои достоинствено и гласно се противат на оваа капитулација на владата на Ковачевски. СДСМ и Ковачевски се тие што одбраа да бидат против сопствениот народ, само за да зачуваат фотелји на сметка на македонскиот идентитет. Пораката на народот е „Ултиматум, НЕ БЛАГОДАРАМ““, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, најави за одржување на нов протест има и за вечерва, при што организаторите најавуваат дека нема да се одржува единствено пред владиното седиште. На социјалните мрежи можат да се прочитаат десетици повици за насилство.
извор: МЕТА