23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИС

НБРМ: Основната каматна стапка зголемена на 2%, умерено зголемување и кај каматните стапки на депозитите преку ноќ и седумдневниот депозит

Одржана редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка

Основната каматна стапка зголемена на 2%, умерено зголемување и кај каматните стапки на депозитите преку ноќ и седумдневниот депозит

На 14 јуни  2022 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите движења на меѓународните и на домашните финансиски пазари, како и показателите за домашната економија, во смисла на поставеноста на монетарната политика. Имајќи ги предвид најновите информации и показатели беше одлучено да се продолжи со процесот на постепено нормализирање на монетарната политика со цел одржување на среднорочната ценовна стабилност.

Поради растот на цените на примарните производи на светските берзи и застоите во синџирите за снабдување, кои влијаат и на останатите видови производи, инфлацијата бележи нагорни движења во светски рамки. Ваквата појава е присутна и во нашата економија, каде што значителен дел од домашните потреби се задоволуваат преку увоз- ние имаме највисок степен на трговска отвореност меѓу земјите на Западен Балкан. Имајќи ги предвид инфлациските движења, но и движењата на девизниот пазар, Народната банка постојано ги користи сите расположливи инструменти за управување со ликвидноста и за влијание врз каматните стапки. Впрочем, интервенциите на Народната банка на девизниот пазар, во континуитет од последниот квартал минатата година па наваму, влијаат за намалување на ликвидноста, а за да се одржи нејзиното оптимално ниво се користат и останатите инструменти, како што се депозитот преку ноќ, седумдневниот депозит, репо-операциите и благајничките записи. Беше направена и нова измена кај инструментот задолжителна резерва со цел понасочено делување на процесот на евроизација, кој дополнително влијае на побарувачката на девизниот пазар. Оваа мерка е во склад и со Стратегијата за денаризација на домашната економија.

Во однос на основната каматна стапка, која е еден од инструментите што ги користи Народната банка, по зголемувањето во април и мај (за по 0,25 п.п., соодветно), на јунската седница на Комитетот беше одлучено да се изврши ново зголемување на каматната стапка на благајничките записи за 0,25 п.п., до нивото од 2%. На оваа седница на Комитетот беше одлучено да се зголемат и каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, за по 0,25 п.п. и 0,15 п.п., соодветно, на ниво од 0,40% и 0,45%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција не се промени и изнесува 10 милијарди денари.

Очекуваме овие мерки, во услови на стабилност на девизниот курс на денарот, да поттикнат промени во каматната политика на банките во насока на пораст на каматните стапки на штедењето во домашна валута и натамошен раст на депозитите кај банките во денари.

При донесувањето на одлуката за натамошно затегнување на монетарната политика беа земени предвид најновите движења кај инфлацијата, којашто и понатаму се зголемува. Во периодот јануари – мај 2022 година инфлацијата во просек изнесува 9,1%, што е умерено повисоко во однос на нашите последните проекции во услови на поизразен раст на цените на примарните производи на светските берзи. Со оглед на повисокиот раст на примарните производи, кој е и подолготраен, присутни се и пренесени ефекти кај поголемиот дел од производите и услугите, така што има забрзување и кај базичната инфлација. Ваквите остварувања дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања, што уште повеќе ја нагласува потребата за водење претпазливи домашни политики. Индексот на ФАО во последните два месеца покажува надолни корекции кај светските цени на храната, но сепак воените случувања во Украина, како и состојбите кај синџирите на снабдување, носат неизвесност за натамошното движење кај инфлацијата.

Девизните резерви се одржуваат во сигурната зона, а притисоците на девизниот пазар од енергетската криза се значително намалени во последните два месеца. Намалувањето на притисоците воедно е одраз и на поволните поместувања на менувачкиот пазар, како и намалената склоност на домашните субјекти за конверзија на домашната валута во странска валута. Со оглед на високото ниво на девизните резерви во претпандемичниот период и натамошниот раст во двете години од пандемијата,  девизните резерви се на соодветното ниво според меѓународните стандарди.

Во однос на движењата во реалната економија, во првиот квартал од 2022 година реалниот БДП бележи раст од 2,4% на годишна основа. Анализирано по компоненти, домашната побарувачка има позитивен придонес за растот, во услови на раст кај сите категории. Најизразен раст бележат бруто-инвестициите, што е поврзано со силниот раст на увозот и акумулирањето залихи на суровини и енергенти и влошувањето на веќе нарушените глобални синџири на снабдување и на пазарот на енергија. како резултат на тоа, нето-извозот има негативен придонес кон растот. Високофреквентните податоци за вториот квартал од 2022 година се ограничени и се недоволни за согледување на состојбите во целина. Засега, податоците за април покажуваат натамошен солиден реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, додека индустриското производство бележи пад на годишна основа, по растот во претходниот квартал.

Од аспект на движењата во монетарниот сектор, според првичните податоци за мај 2022 година, годишниот раст на кредитите и натаму е солиден и генерално соодветствува со проектираниот, при поумерен раст кај депозитите.

Во мај, на меѓународните финансиски пазари преовладуваа засилените очекувања на инвеститорите за нормализација на монетарните политики и за повисоки каматни стапки. Во такви услови, беше забележано намалување на цените на најбезбедните државни обврзници во еврозоната, односно пораст на нивните приноси, што беше поддржано и од заложбите на ЕЦБ за враќање на инфлацијата кон целното ниво на среден рок. ЕЦБ на последната седницата најави зголемување на референтните каматни стапки за 0,25 п.п. во јули, како и повторно зголемување на каматните стапки во септември, а големината на промената ќе биде условена од новите среднорочни проекции за инфлацијата.

Општо земено, ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени и се претрежно поврзани со надворешното опкружување, а главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста поврзана со текот и времетраењето на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина и неговото влијание врз цените и економската активност во глобални рамки. Притоа, во вакви услови уште повеќе доаѓа до израз потребата за водење на претпазливи домашни политики. Народната банка внимателно ги следи трендовите и потенцијалните ризици и ќе продолжи соодветно да  реагира во насока на постепена нормализација на монетарната политика, користејќи ги сите расположливи инструменти,  а со цел одржување на среднорочната ценовна стабилност.