23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Ковачевски – Шолц: Од Брисел се очекува јасна порака и чекор за деблокирање на проширувањето

Премиерот, Димитар Ковачевски и германскиот канцелар, Олаф Шолц, утрово по свечениот прием остварија тет-а-тет средба во Владата.

Како што информираат од владината прес-служба, соговорниците зборувале за теми од заеднички интерес поврзани со проширувањето на ЕУ, регионалната соработка и актуелната состојба со војната во Украина.

На средбата било посочено дека Германија останува еден од клучните политички партнери на Северна Македонија и значаен сојузник и поддржувач во процесот на европските интеграции на земјата.

„Процесот е дополнително охрабруван и поттикнуван и низ повеќе регионални проекти, како Берлинскиот процес за исполнувањето на препораките на ЕУ и неопходните реформи од европската агенда“, констатирале Ковачевски и Шолц.

Во пресрет на јунскиот самит на ЕУ, под претседателство на Франција, од Брисел се очекува јасна порака и чекор за деблокирање на процесот за проширување со почеток на преговорите за Северна Македонија, како земја која ги исполни сите критериуми и услови и како стратешка одлука од безбедносно значење за Европа, било нагласено во рамки на разговорот.

Исто така, Германија останува на определбата да биде најзначајниот трговски партнер на нашата земја што е потврдено, како што било посочено, со најголемиот број германски компании присутни во Северна Македонија во кои работат повеќе од 20.000 македонски граѓани.