23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Ова е време на големи предизвици кои бараат храбри одлуки и заедништво

Премиерот Димитар Ковачевски денеска го отвори Самитот „Отворен Балкан“ во Охрид.

На почетокот на своето обраќање премиерот Ковачевски рече дека се наоѓаме во време на големи предизвици кои бараат храбри одлуки и заедништво и додаде дека иницијативата „Отворен Балкан“ е заложба за стабилен регион, мир, соработка и економски развој.

„Ова е време на големи предизвици кои бараат храбри одлуки и заедништво. Иницијативата „Отворен Балкан“ е наша заложба за стабилен регион, владеење на мир, за соработка и за економски развој – ова е нашата заложба за подобар живот на нашите народи. Наша автохтона иницијатива за европеизација на регионот.“ рече премиерот Ковачевски во обраќањето.

Ковачевски посочи дека Отворен Балкан веќе ги дава резултатите за граѓаните и стопанствениците и додаде дека тоа може да се подобри уште повеќе со заеднички заложби на сите три држави.

Во Охрид денеска официјално е отворен самитот на регионалната иницијатива Отворен Балкан, на кој присуствуваат претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерите на Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, како и претставници од Црна Гора и БиХ, црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, кој ја поддржа иницијативата Отворен Балкан и претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, како гостин на Самитот.