– Дезинформациите се глобална појава која во најголем број од случаите има за цел да им штети и да ги дестабилизира демократиите во светот. Северна Македонија како земја во демократски развој и најнова членка на НАТО беше и сè уште е силно изложена на манипулативни наративи кои имаат цел намерно да го доведуваат населението во заблуда дека западните и демократските политики и системи не се соодветни за ова поднебје и со тоа да штетат врз безбедноста и сигурноста на граѓаните. Медиумите може да бидат и пренесувачи и креатори на дезинформации. Оние кои се креатори на невистинити вести се најчесто портали на кои не им се знае до крај сопственоста и уредништвото и истите треба да ги квалификуваме како пара-медиуми или фејк-медиуми и јавно да ги покажуваме како такви бидејќи тие ја уриваат смислата на своето постоење и на одговорноста кон јавниот интерес, вели Марјан Забрчанец, национален координатор на Владата на Северна Македонија за Отворен Балкан и регионални иницијативи во интервју за Порталб.мк, кој е специјалист по односи со јавност, комуникациски стратегии и стратешко планирање, со разновидно 20-годишно професионално искуство во граѓанскиот, приватниот и јавниот сектор.