Факт е дека без разлика на сите предизвици кои стоеле и сѐ уште стојат пред нас, за многу кусо време, постигнавме значителен напредок, и сето тоа, благодарение на сите општествени чинители. А најголем дел од тие сериозни и одговорни задачи ги реализиравме благодарение на меѓусебната соработка, особено меѓуинституционалната, рече денеска на свечена манифестација по повод Денот на македонската полиција, министерот Оливер Спасовски.
Тој ја истакна соработката со Собранието на Република Северна Македонија, како во делот на отпочнување и спроведување на безбедносните реформи во државата, така и во делот на донесување на законската регулатива.
„За тоа говори и примерот со Законите за полиција и за внатрешни работи, кои претставуваат заокружување на реформите. Благодарение на таа соработка меѓу законодавната и извршната власт ја спроведовме и реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем, со која УБК излезе од органите во состав на МВР и беше формирана посебната институција АНБ. Конечно, да не ја заборавиме и контролната функција што ја има парламентот. Формирањето на Полицискиот омбдусман, како и посебното одделение во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, имаат за цел токму зајакнување на парламентарната контрола околу евентуални пречекорувања на полициските овластувања и кршење на човековите слободи и права, со што заеднички ги спроведовме препораките од „Извештајот на Прибе“. Ова говори за меѓусебната зависност на институциите и повиканоста на соработка. Заеднички работиме кон постигнување на зацртаните цели пред нашите граѓани, пред државата. “ рече Спасовски.
Резултатите покажуваат дека нашите напори во сите сфери, вклучително и во зајакнатата борба против организираниот криминал, корупцијата, безбедносните реформи, се евидентни, заклчуи министерот Спасовски.