„Дури и тие кои беа скептични кон Договорот од Преспа сега признаваат дека направивме нешто храбро. Значењето и пораката од Договорот од Преспа се се уште живи, особено сега кога има војна во Европа. Потребни ни се пријателство и соработка меѓу луѓето“ изјави лидерот на Сириза Алексис Ципрас, заедно со поранешниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев во интервју за „Нова ТВ“.
Ципрас додаде дека уште од првиот ден на преговорите за Договорот од Преспа со Заев создале пријателска атмосфера, бидејќи целта им била заедничка – подобра иднина за двете земји, за граѓаните, но и атмосфера на мир и соработка.
Експремиерот Заев истакна дека примерот на Ципрас во преговорите за Договорот од Преспа треба да го следат сите европски лидери.
„Такво лидерство ни е потребно и на Балканот, но и на целиот европски континент. Ципрас покажа дека еднаквоста, заедништвото и слушањето на аргументите на другиот даваат резултат наспроти покажувањето сила“ рече Заев.