23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Едногласни сме за заеднички регионален одговор на кризата и во поддршката за Украина

Во обраќањето на Состанокот на шефовите на влади на земјите од Југоисточна Европа членки на НАТО, што денеска се одржува во Софија, во Република Бугарија, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, истакна дека оваа средба испраќа уште една силна порака за единство и солидарност со Украина.

Премиерот Ковачевски нагласи дека тој и премиерот на Бугарија Кирил Петков, на Романија Николае Чука и на Црна Гора Здравко Кривокапиќ на денешната средба си поставија за цел да ги нагласат потенцијалните ризици и согледаните закани, како и да ги нагласат премисите што треба да водат кон подобра отпорност и координација меѓу земјите од Југоисточна Европа.

„Оваа средба го отвора патот да спречиме какво било можно влијание врз нашата безбедност и стабилност во контекст на потенцијалните последици што би можеле да се појават од актуелната безбедносна и хуманитарна криза во Украина“, нагласи Ковачевски и додаде дека земјите учеснички на состанокот остануваат цврсто на позиција на осуда на војната во Украина како нелегалната и нелегитимна инвазија на Русија.

Ковачевски ја потенцираше како посебно важна будноста во спротивставувањето на дезинформациите и лагите од Русија кои се вистинска закана за демократските процеси во Европа и на Западен Балкан.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање, во контекст на значењето на северно-атлантската алијанса во ова кризно време, истакна дека да се биде земја членка на НАТО е огромна привилегија и одговорност.

„Северна Македонија ја одбележа двегодишнината од своето полноправно членство во НАТО, како гаранција за нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, како и инвестирање во безбедноста и стабилноста во регионот. Пристапувањето на нашата земја во НАТО е силен показател за вредноста на политика на „отворени врати“ како фундаментален принцип дека сите земји имаат право да го изберат својот пат, своите надворешнополитички приоритети и безбедносните аранжмани“, нагласи Ковачевски.

Претседателот на Владата на Северна Македонија Ковачевски укажа на фактот дека во соочувањето со новата стратешка реалност за европската и трансатлантската безбедност, сојузниците одлучно одговорија на војната во Украина, со воведување санкции без преседан на Русија, силно ја поддржаа Украина и направија големо засилување на позициите на НАТО за одвраќање и одбрана, особено на источното крило на Алијансата.

„Северна Македонија соодветно се приклучи на овие напори и е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и со значителниот пакет санкции против Русија. Така ќе продолжиме и во иднина“, потенцираше Ковачевски.

Тој нагласи дека НАТО и ЕУ покажаа дека можат да работат и да дејствуваат заедно во поддршката за Украина, но и за земјите партнери, како што се Грузија, Молдавија и Босна и Херцеговина.

„Сега е време максимално да го искористиме потенцијалот на кооперативните безбедносни и партнерски алатки и механизми на партнерите од Југоисточна Европа, бидејќи сме сведоци на влошување на политичката стабилност и пораст на националистичките и популистичките наративи, кои дополнително се мултиплицираат со влошената безбедносна и геополитичка ситуација на европскиот континент предизвикана од руската воена агресија во Украина“, рече Ковачевски во своето обраќање на состанокот на лидерите на земјите членки на НАТО од ЈИЕ.

Ковачевски ја акцентираше и економската несигурност и растечката енергетска криза, а како посебно ризичен го оцени застојот во процесот на проширување на ЕУ.

„Неприфаќањето дека проширувањето во суштина е безбедносна политика создава дополнителен простор за нестабилност во регионот, а отсуството на кредибилна европска и евроатлантска перспектива за Западен Балкан има повеќекратни негативни тенденции за злонамерно влијание на трети страни со што се зголемуваат неизвесностите во регионот и се создаваат сомнежи што резултираат со намалување на довербата на граѓаните во ЕУ“, истакна Ковачевски.

Во завршницата тој посочи дека Република Северна Македонија останува силно посветена на одржување добрососедски односи и унапредување на соработката меѓу земјите од нашиот регион.

„Нашата заложба е да останеме фокусирани на промовирање на овие вредности и принципи за време на нашето претстојно претседавање со ОБСЕ во 2023 година, како и да го искористиме потенцијалот на другите регионални иницијативи со цел подобро поврзување, разбирање и координација на земјите од регионот и Југоисточна Европа“, нагласи премиерот Ковачевски во своето обраќање на состанокот на лидерите на земјите членки на НАТО од ЈИЕ што се одржа во Софија.