„Добро е сите политички партии да бидат на истра страна во разговорите со Бугарија, бидејќи ова се прашања од национален интерес. Ќе дојде и тој момент кога и Собранието ќе има улога во валидирање на договореното, затоа е важно сите партии да имаат увид и активно да учествуваат во овој процес“ кажа вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Утрински брифинг“.
Тој додаде дека духот на средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со бугарскиот премиер Кирил Петков бил позитивен, какво што беше и партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, иако ден претходно Мицкоски жестоко се обрати и нарачуваше какви прашања требало да поставуваат новинарите.
„Впечатокот и на меѓународната заедница е дека посетата на Петков во земјава е позитивна, иако не ги знаат сите детали. Но, по она што го разговараме и споделуваме сите гледаат нова надеж за придвижување на работите по година-две блокада“ кажа Маричиќ.
Тој ги коментираше и критиките дека е погрешен чекорот за испраќањето на нотата за користењето на краткото име од страна на критичари во земјава, но и во Бугарија, истакнувајќи дека негативно кон тоа настапиле луѓето кои до вчера беа носители на овој процес.
„Затворивме една од трите блокади – краткото име, јазикот и почетокот на преговорите. Едно прашање затворивме, а сите останати ќе треба да ги решаваме во целина и на крајот да имаме решение за сите прашања. Никој не губи со затворањето на едно од овие прашања, туку напротив покажуваме добра волја од двете страни“ кажа Маричиќ.