Ги отфрлам како целосно неточни, лажни и манипулативни наводите изнесени на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ за наводно управување или контролирање новинари или медиуми, вели националниот координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата, Марјан Забрчанец во реакција на прес-конференцијата портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, кој го обвини дека „пишувал текстовите и испраќал содржина за вестите на 1ТВ, сопственост на Бојан Јовановски“.
„Како одговорен за комуникации и односи со јавноста во Владата имам обврска да бидам во дневен контакт со новинари, медиумски работници, уредници и одговорни лица во медиумите. Тоа е суштината на професијата односи со јавноста“, наведува Забрчанец во реакцијата објавена на неговиот фејсбук-профил.
Забрчанец потенцира дека со Бојан Јовановски комуницирал исклучиво службено и професионално, информирајќи го за активностите на Владата и „одговарајќи на барањата на медиумот што го раководеше за интервјуа со премиерот Заев и со други претставници на Владата“.
„Жално е што ВМРО-ДПМНЕ станува мегафон на Боки 13 и што не направиле ниту една промена кај себе кога е во прашање односот кон медиумите. Политиката на режимско угнетување на новинарите и медиумските работници заврши на 1 јуни 2017 година, со изборот на тогашната нова Влада“, потенцира Забрчанец.
Тој натаму нагласува дека медиумските работници секогаш ќе ја имаат неговата поддршка и поддршката од оваа Влада да не дозволат никогаш повеќе манипулациите и газењето врз нивните права да станат доминантна појава во медиумските политики.
„Северна Македонија во изминатите четири години има сериозен напредок по прашањата на медиумските слободи, бројот на критички и независни медиуми е во постојан пораст, слободата на изразување е гарантирана, не постои никаков владино-политички притисок врз медиумите, а критиката од граѓаните и новинарите е секојдневна, гласна и препознаена. Слободата на медиумите е наше освоено секојдневие, а ВМРО-ДПМНЕ токму од тоа најмногу се плаши, за што говори односот на нивните градоначалници кон медиумите и нивното секојдневно бегство од соочувања со новинарските прашања. Нивниот начин на комуникација со медиумите беше насилно, брутално толчење и политички прогон за оние кои не успеваа да ги купат. Никогаш повеќе“, додава Забрчанец во објавата на Фејсбук.