Стопиран е тендерот за изградба на автобуското метро или Бас рапид транзит (БРТ) кој беше објавен на страната на Европската банка за обнова и развој. Градоначалничката Данела Арсовска по доаѓањето на функцијата најави дека нема да го продолжи проектот на нејзиниот претходник, а сега тој и официјално е прекинат, пренесе СДК.
Од нејзниот кабинет велат дека постапката е прекината и поради тоа не се пристигнати понуди.
„БРТ е релативно непознат концепт за граѓаните на Скопје. Според анализите кои биле изготвени минатата година за потребите на Град Скопје се укажува на бројни недостатоци и ризици од проектот кои ќе имаат влијание врз животната средина, што во никој случај не смее да се дозволи. Како што знаете во моментов се водат преговори со ЕБРД и по нивното завршување граѓаните ќе бидат информирани за договореното“, велат од Град Скопје.
Првата претквалификациона фаза на меѓународниот тендер траеше до 14 декември.
Поранешното раководство на Градот предводено од градоначалникот Петре Шилегов заедно со експерти на Европската банка за обнова и разбој (ЕБОР) на пректот работеа околу три години. Притоа со средства од ЕБОР во висина од 75.000 евра направени се истражувањата и изработка на студијата на која учествуваа сообраќајни експерти од земјава и странство.