Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес на маргините на Министерскиот состанок на НАТО, во Рига оствари билатерална средба со помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид.
На средбата било разговарано за билатералните односи меѓу двете земји, соработката во НАТО, eвро-атланските перспективи на Северна Македонија, како и за актуелните политички состојби во земјата и во регионот.
„САД е наш долгогодишен стратешки сојузник и партнер. Како сојузници во НАТО, фокусирани сме да ги зајакнеме односите во областите на безбедноста, одбраната, демократското функционирање на институциите, борбата против глобалниот тероризам, слободната пазарна економија и да ги прошириме можностите за деловните активности на двете земји“, истакна Османи.
Соговорниците заемно ги оцениле билатералните односи меѓу двете земји како исклучително блиски, засновани на стратешко партнерство и соработка и се договориле во претстојниот период посветено да работат за натамошно унапредување на дијалогот и соработката во сферите од заемен интерес.