МТЕЛ, македонската подружница на групацијата Телеком Србија од вчера работи на нашиот пазар.
Во својот продажен салон во Скопје има понуда за сателитска телевизија, а како што најавува раководството, од наредната година во план се телекомуникациски услуги и дигитални сервиси.
Генералниот директор на Телеком Србија Владимир Лукиќ најавува пресврт на телекомуникацискиот пазар во државава.
-По првиот сервис со кој ќе стартуваме – сателитска телевизија, од следната година планираме да се прошириме и во сегментот на мобилната телефонија, рече тој на вчерашната прес-конференција.
Лукиќ посочи дека компанијата веќе обезбедува услуги за повеќе од 11 милиони претплатници во регионот и Европа. На Македонија, која во телекомуникациите е исклучително напредната, на отворањето на подружницата во Телеком Србија гледаат како предизвик во кој ќе го вложат искуството и знаењето стекнати преку деловните активности во Србија, БиХ и Црна Гора.
Марко Лопичиќ, извршен директор на МТЕЛ, потенцираше дека стартуваат со понуда за врвна сателитска телевизија, а на љубителите на добрата телевизиска програма, како што рече, им нудат најдобар избор на телевизиски канали и ексклузивна содржина.
-Понудата е внимателно избрана и класифицирана во три исклучително поволни пакети кои вклучуваат повеќе од 150 канали. Уверени сме дека таквата понуда што ги содржи најквалитетните спортски содржини на каналите Арена Спорт, потоа врвните филмски и сериски програми на Супер Стар каналите, понуда на сите македонски национални телевизии, Пинк каналите, како и одличен избор на документарни, музички и детски канали ќе прерасне во омилен телевизиски избор на граѓаните во Македонија, рече Лопичиќ.