На маргините на првиот ден на Белградскиот безбедносен форум, вицепремиерот Никола Димитров вчера имаше средба со генералната секретарка на Советот за регионална соработка (RCC), Мајлинда Брегу.
Главниот фокус на состанокот беше ставен на унапредување на регионалната соработка како механизам за европеизација на регионот и придвижување во процесот на европска интеграција.
Вицепремиерот Димитров истакна дека регионалните иницијативи се исклучително значаен сегмент на процесот бидејќи го претставуваат регионот во конструктивно светло.
Димитров: „Регионот треба да делува на начин што ќе испрати порака дека со членството во ЕУ ќе испорача повеќе решенија отколку проблеми, ориентираност кон иднината наместо кон минатото. Поврзувањето на земјите од регионот и заемната поддршка за остварување на целите и интересите носат директни бенефити за граѓаните, но се и важен стратешки чекор во исполнување на заедничката определба за европска иднина.“
Генералната секретарка Брегу нагласи дека европската интеграција на регионот е крајната визија на активностите на RCC и го посочи придонесот на Северна Македонија за просперитет и стабилност во регионот, што мора да биде валидиран во контекст на процесот на пристапување бидејќи испраќа важна порака кон останатите земји.
Состанокот послужи за пресек на напредокот на Западниот Балкан и исполнувањето на стратешките цели на RCC како платформа за реформска трансформација на регионот, како и статусот на конкретните проекти. Беа дискутирани и наодите од последното издание на Балкан Барометар 2021 објавено во јуни.