24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев во писмо до членството: СДСМ учи и се поправа, повикувам на обединување!

Трудот е наш, заеднички, на сите, но денес е јасно дека промените не се доволни, дека тие треба да се случуваат многу побрзо и поквалитетно и дека нашата борбата не е завршена – вака претседателот на СДСМ, Зоран Заев го почна писмото до членовите на партијата по повод резултатите од првиот круг од локалните избори.

„Граѓаните во првиот круг на овие избори ни пратија јасна порака и ние таа порака мораме да ја слушаме, да ја разбереме и да постапуваме по неа. Народот не е за ВМРО-ДПМНЕ. Но, во исто време народот сака многу подобар резултат и многу повисок интензитет на промени реализирани од СДСМ. Ние тоа и можеме и мораме да го испорачаме. Сите ние, секој од нас. Заедно“, пишува Заев и додава:

„Граѓаните ја бараат нашата мобилизација и нашата борба за нов циклус промени. Граѓаните сакаат земјата и општините да ни одат напред и ние мораме да го дадеме максимумот за тоа да се случи. Во спротивно, режимот тропа на вратите. И веќе успеа да влезе во некои од општините. Ние имаме демократска обврска да се бориме, да испорачаме промена и подобрување во начинот на наше управување и да застанеме на патот на заканите и опасностите кои ги носи ВМРО-ДПМНЕ.
Влегуваме во вториот круг и во борба за секој глас, за секој град, за секоја општина. Нема важни и неважни. Сите се важни. Ако сакаме да ја добиеме оваа борба, мораме да разбереме дека секој човек е важен, секој глас е важен. Секој глас мора да биде слушнат, испочитуван, уважен. Тоа е промената која ја бараат граѓаните од нас.

Затоа, мораме да ја зголемиме нашата достапност, отвореност и експедитивност во решавањето на проблемите на секоја индивидуа, на секоја група граѓани. Ние не сме и никогаш нема да бидеме недостижни и недостапни, тоа нам не ни прилега. Напротив, ние сме и мораме да останеме скромни и приземјени. И само така ќе го одржиме правецот на кој заедно ја поставивме нашата земја.

Затоа, ве повикувам на  ОБЕДИНУВАЊЕ!

Сега е време за обединување затоа што од другата страна се истите насилници и криминалци кои ја уништуваа нашата земја со години. СДСМ греши, но учи и се поправа. ВМРО-ДПМНЕ е партија на своеволие и узурпација на сè државно за свои интереси. И тука има голема разлика. Сега е време за борба, за уважување на гласот на секого и за обединување. А, ние сме борци, ние сме отворени луѓе и отворена партија и знаеме и да слушаме, и да постапуваме, и да се менуваме. Тоа го имаме и докажано, и покажано преку бројни примери кога критиките и пораките од граѓаните сме ги прифаќале и сериозно сме ги ревидирале и подобрувале нашите чекори и политики.
Велат дека за да победи злото доволно е добрите луѓе да не направат ништо. Овој пат, ние нема данабљудуваме и да не правиме ништо додека злото се заканува. Ќе дејствуваме! Затоа, од секоја општинска организација барам акција.
Исклучително важно и неопходно е секој Општински изборен штаб да биде во постојана консултација со Централниот изборен штаб и да ги следи насоките, од една страна, но и да биде отворен за предлозите, ставовите и пораките кои доаѓаат од членството, од поддржувачите и од граѓаните, од друга страна.

Потребна е брза анализа и враќање на теренот ВЕДНАШ. Потребни се брзи
промени и акции кои ќе придонесат кон БОРБА, УВАЖУВАЊЕ НА ГЛАСОТ НА
ГРАЃАНИТЕ, ОБЕДИНУВАЊЕ и со тоа ПОБЕДА на СДСМ во вториот изборен круг.
Тоа и тоа како е можно и е на дофат.

Од нас зависи. Потребно е да се обратиме и да подадеме рака на секој еден
човек, секој еден глас којшто можеби сме го пропуштиле во првиот изборен круг.
СДСМ го слушна гласот на граѓаните и ќе направи сè да го обедини прогресот.

Напред другари. Борбата продолжува!

Ваш,
Зоран Заев“, се вели во писмото.