На разговор вчера во полицијата е повикан 35-годишник од Делчево кој се сомничи дека дал 3.000 денари во замена за глас на локалните избори. Како што соопшти МВР, повикан е и К.С. (35) кој ги примил парите.
Паричните средства во висина од 3000 денари се одземени. Неофицијално се работи за кандидат на една политичка партија.
Претходно вчера, полицијата вчера четири лица кои ги гони за давање изборен поткуп. Станува збор за скопјани, кои како што тврди МВР, биле забележани како давале пари во замена за глас за локалните избори. Во нивните домови биле направени и претреси.
„На место викано Аџево, биле забележани лица кои давале пари во замена за глас на претстојните локални избори односно вршеле кривично дело по член 162 од КЗ „поткуп при избори и гласање“. Од страна на полициски службеници приведени се четири лица. Е.Б. (26), С.М. (27) Н.Б. (50) и Ј.М. (35), а кај нив пронајдени се 121000 денари и 250 евра. Известен е јавен обвинител и по добиени судски наредби извршени се и претреси во домовите на лицата, а тие се задржани во полициска станица за понатамошна постапка“, велат од МВР.
Завчера, имаше апсење и во Лозово, каде се давало од 50 до 100 евра за глас. Уапсен беше 50-годишен жител на Милино кој, според МВР, поткупувал за да се гласа за независен кандидат.
Исто така вчера полицијата соопшти дека ОВР Кочани до надлежното ОЈО Кочани поднесе кривична пријава против Р.А. (54) и Б.Ш. (46) од Кочани поради основано сомнение дека сториле кривични дела “повреда на слободата на определување на гласачите” по чл. 160 ст.1 в.в.член 19 од КЗ. По претходна пријава, преземени се мерки од страна на полициски службеници од ОВР Кочани за расчистување на случајот. Утврдено е дека во периодот од 08.10.2021 до 15.10.2021 година во повеќе наврати Р.А. и Б.Ш. со намера да ги спречат да си го извршат избирачко право, им се заканувале на А.Д., С. Д., А.И. и З.М., сите од Кочани дека ќе бидат избркани од работа и ќе им бидат одземени други права доколку излезат на гласање и гласаат за партијата чии симпатизери се.
Осомничените лица се пронајдени и повикани во ОВР Кочани, извршени се консултации со Дежурен ОЈО Кочани и против двајцата е поднесена кривична пријава до ОЈО Кочани.