23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАSHOWBIZТОП ВЕСТИ

Четиринаесет години од смртта на Тоше Проески

На денешен ден пред четиринаесет години пејачот Тоше Проески трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб, на 26-годишна возраст.

Движејќи се на патот кон Загреб, Тоше седеше на совозачкото место во автомобилот, со кој управуваше неговиот пријател Ѓорѓи Ѓоргиевски. Возилото удри на страната каде седел Тоше, пришто тој почина на лице место. Во автомобилот покрај Тоше беше и неговата менаџерка Лилјана Петровиќ, која како и возачот се здоби со полесни повреди.

Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992), каде што испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјата и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик.

Последниот „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата.