24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Одговорност има – нови директори на Тетовската болница после изборите

Нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот Венко Филипче и заменик министерот Илир Хасани, кои од морални причини поднесоа оставки, истакна премиерот Зоран Заев, додавајќи дека за евентуалните грешки причинети од човечки фактор ќе се произнесат надлежните органи.
Заев нагласи дека останува на ставот оти нема да дозволи политизирање на трагедијата во тетовската болница.

Тој потенцираше дека доколу има човечка грешка надлежни се органите коишто го истражуваат тоа, како во сите земји така и кај нас, Јавното обвинителство, судовите или слично.

-Убеден сум дека Филипче и Хасани направија и професионални и лични ангажмани за македонското здравство и спасија илјадници човечки животи и затоа им ја давам довербата да продолжат да го водат здравствениот систем. Секогаш јас и нашата Влада се водиме од одговорноста од секој можен аспект. Јас во некој аспект на ваши прашања новинарски дадов одговор дека никој не е врзан за одредена функција, за одредена позиција и слично. Но, кога ја имате добиено одговорноста навистина треба да мислите и за утре и за ден после утре, за состојбите во коишто се наоѓа државата, мислејќи пред се на пандемијата која што стои и секако се водам и од тој аспект имајќи предвид дека двете оставки се поднесени од морални причини, затоа што ако беа од други причини тие ќе беа соопштени со други причини, рече Заев.

Претседателот на Владата нагласи дека одговорите ќе ги дадат навистина сите соодветни институции, а оставките на директорите од болницата се прифатени, бидејќи тие биле неотповикливи, па најави дека нови директори ќе бидат назначени по изборите.

Оваа информација за Телма ја потврди Артан Груби од ДУИ кој истакна дека директорите уште веднаш се повлекле од функциите и на нивно место ќе бидат назначени нови.

-Ние сме денеска овде, присутен сум јас, а секако и Владата да даде одговор на политичкиот момент, на менаџерскиот момент на министерот и на заменик-министерот. Јас сум мандатор којшто сум ги предложил пред Собранието да бидат избрани како министер и за заменик-министер. Одговорите мора да бидат дадени до крај насекаде. Знаете апелирав до МВР, еве Јавното обвинителство излезе со соопштенија. Прво благодарен сум што сите институции, дури и тие што не се под извршната власт, што чувствуваат обврска да одговорат на граѓаните, најчесто адресирани преку вас новинарите за одредени прашања коишто се навистина врв на приориетет на интерес на граѓаните и се дадоа одговорите. Како што соопштуваат тие во нивното соопштение, тие ја продолжуваат истрагата. Истражуваат многу други елементи и очекувам и јас и сите ние граѓаните секако и Владата и јас како претседател на Владата деталите од сите други истраги коишто ќе ги водат, додаде Заев.

Тој кажа дека сака да знае што адресираат и германските експерти во врска со пожарот и заклучи дека на македонското здравство, на сите граѓани им е потребен систем кој соодветно ќе одговори и ќе ги заштити во време на пандемија.