„Еден од најголемите проекти во следниот мандатен период во Тетово е скијачкиот центар Попова Шапка вреден 100 милиони евра. Ја имаме најуникатната дестинација во Европа, каде што подножјето е голем град, за разлика од европските скијачки центри каде што рурални населени места. Ќе се изгради комплетен скијачки центар со хотели од три меѓународни ланци, на чело со Кемпински“ кажа премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на трибината „Најдоброто за мојата општина“ во Тетово.
Тој додаде дека оваа инвестиција ќе ја прави најголемата европска компанија за скијачки центри, со која преговорите се во втора фаза и многу брзо се очекува тоа јавно да биде објавено.
„Вториот голем проект во Тетово е стратешката инвестиција со Еколог – 300 милиони евра за нова болница, фудбалски стадион и нови деловно-стамбени површини. Трет голем проект е прочистителната станица за отпадни води и колектор, проект вреден 50 милиони евра. Обезбедни се 85 отсто од средствата преку фодновите на ЕУ, додека останатите 15 отсто ќе бидат покриени од буџетот“ кажа премиерот Заев.
Како четврт голем проект за Тетово, лидерот на СДСМ ја најави и регионалната депонија за полошкиот регион.
„Веќе преговаравме, изработени се сите појдовни елементи и документи. Во првите две години од следниот мандат ќе се реализира овој толку насушно потребен проект за Тетово“ кажа Заев.