„Наш прв приоритет се заложбите за држава без кал, со здрава животна средина и чист воздух. Градиме современа инфраструктура во секоја општина, секој град и секое село. Ќе продолжат инвестициите во атмосферската канализација, како и реконструкциите на улиците во опшните, велосипедските патеки и поддршката за инфраструкурата за развој на алтернативниот туризам“ кажа премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на трибината „Најдоброто за мојата општина“ во Тетово.
Тој додаде дека комуналната инфраструктура ќе остане во фокус, а општините ќе ги зајакнуваат капацитетите на јавните претпријатија со цел обезбедување на подобри услови за граѓаните.
„Носиме водовод и канализација во секое населено место – асфалт наместо кал, чиста наместо загадена вода, хигиена наместо ѓубре, услуги за граѓаните наместо злоупотреба на нивните пари. Тоа е понудата пред граѓаните и на Тетово и пред граѓаните на секоја општина“ рече Заев.
Премиерот додаде дека во изминатите четири години централната власт заедно со општините инвестирале преку 500 милиони евра по различни програми за реализација на повеќе од 7 илјади проекти со цел подобрување на условите за живот во сите градови и села низ земјата.