Скопскиот градоначалник и актуелен кандидат за нов мандат од СДСМ нуди финансиска поддршка за сите групи граѓани во следните четири години.
-Во изминатите речиси две години пандемијата ги смени животите на граѓаните. Покрај здравствените ризици кои ги донесе Ковид-19, силно страдаше економијата и семејните буџети на граѓаните. Затоа, најдоброто за нашиот град во следните четири години подготви пакет од силна финансиска поддршка за сите групи граѓани. Скопје е град на солидарноста и како таков мора да се грижи за сите, а парите на граѓаните да ги враќа онаму каде се најпотребни.
Овој пакет од социјални поволности е наменет за сите групи, за возрасните и пензионерите, лицата со попреченост, лицата со ретки болести, младите и идните родители. Продолжуваме со остварување на активности за поквалитетен живот во нашето Скопје, за подобро секојдневие на нашите сограѓани, за поудобни и побезгрижни денови во овој град.
Пензионерите и повозрасните граѓани се извор на знаење, искуство и мудрост. Тие го граделе Скопје и ја заслужуваат поддршката од градот. Затоа им го олеснуваме животот и се грижиме за нивните потреби.Овозможуваме бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата. Нашите повозрасни граѓани ќе можат слободно да се движат и да ги остваруваат своите обврски, а не само вторник и петок. На тој начин ги запираме метежот во работните денови во градските автобуси за луѓето кои одат на работа, или на школо.
Овозможуваме бесплатен медицински транспорт за лицата во трето доба и лицата со попреченост до здравствените институции во градот. За поголема самостојност и независно функционирање, обезбедуваме ефикасен, безбеден и бесплатен транспорт.
Се грижиме и за лицата со ретки болести, како инклузивно општество кое се грижи за сите.
Лицата со ретки болести кои живеат во Скопје ќе можат исто така бесплатно да го користат јавниот градски превоз. Трошоците за хроничната терапија која ја примаат ги олеснуваме преку финансиско ослободување за јавниот превоз, за нив и нивната придружба при користење на превозот.
Во пакетот финансиска поддршка се вклучени и младите кои се движечката сила на градот. Ги поддржуваме во личниот и професионалниот развој.
На сите постдипломци и докторанди кои студираат во Скопје им овозможуваме бесплатен превоз во градските автобуси. Со тоа ги поттикнуваме да бидат поактивни во своите обврски и релаксирани во планирањето на својата мобилност низ градот.
Учениците од државните основни училишта во градот ќе добиваат до 50% поевтин оброк за време на престојот во училиште. Оброкот го правиме подостапен за секое дете и поттикнуваме исхрана во училиштата.
Ќе доделуваме 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци од средните училишта на Град Скопје кои ќе се запишат на некој од државните универзитети. Ги поттикнуваме младите да вложуваат во себе, ги елиминираме финансиските потешкотии на семејствата и го вреднуваме трудот.
За секој средношколец од државните училишта, обезбедуваме бесплатно овошје за време на училишниот престој. Здравата исхрана е неопходна за виталност и здрав живот. Создаваме навики кај младите за здрава и среќна иднина.
Градот ќе расте и ќе се развива ако идните родители ги гледаат можностите и сакаат да живеат во него. Мојот императив е среќни и задоволни граѓани во Скопје. Вложуваме во среќата за идните родители и за сите семејства во градот.
Го субвенционираме згрижувањето на децата во државните градинки преку покривање на максимум 50% од месечниот трошок. Ги поттикнуваме семејствата да останат во Скопје, тука да се развиваат и остваруваат.
За остварување на желбата за потомство, го помагаме процесот на Биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите. Го дополнуваме семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на Фондот за здравствено осигурување или во дополнителен обид кој не е покриен од Фондот. Ја поддржуваме храброста и упорноста за посреќни семејства во нашиот град, стои во најавата на Шилегов.